По долги години активно занимавање со музика (од нив најголемиот дел професионално), по над илјада отсвирени концерти и неброено многу изработени партитури, а отслушани многу повеќе, се радувам кога ќе наидам на композиција што никогаш не сум ја чула. Деновиве така ми се појави, одненадеж, оркестарската свита „Снежна бура“ од Свиридов. Делови од неа имам свирено, но никогаш ја немам ниту чуено целата.

Георги Васиљевич Свиридов (1915-1998) е руски композитор од неоромантичниот период. Најголемиот дел од творечкиот опус го создал во советската ера, па, следствено, околностите и условите во кои творел се одразиле на неговиот музички израз.

За време на студиите на ленинградскиот конзерваториум експериментирал со различни жанрови и видови композиции, но подоцна се свртел кон она што му било најблиско до душата – рускиот мелос, од кој добивал неисцрпна инспирација. Свиридов бил и голем љубител на поезијата и книжевноста, па често пишувал композиции инспирирани од, или базирани на творбите на повеќе видни поети и писатели – Михаил Лермонтов, Александер Блок, Вилијам Шекспир, Роберт Брнс, Сергеј Есенин, Владимир Мајаковски, Александар Пушкин.

Токму „Снежната бура“ на Пушкин, една од „Повестите на Белкин“, била инспирација за истоимената свита на Свиридов. Во неа, една млада девојка решава да избега со саканиот и да се венча во блиската црква. Но страшната снежна бура целосно ѝ ги менува плановите.

И животот. Музиката е напишана за филмската адаптација на Пушкиновото дело. Романтична е и нежна, автентично руска, човек и да не знае кој е авторот ќе знае дека ја компонирал некој Русин. Низ деветте става („Тројка“, „Валс“, „Пролет и есен“, „Романса“, „Воен марш“, „Венчавање“, „Ехо од валсот“, „Зимски пат“, „Ѕвонењето на свитата“) ги отсликува руските пејзажи, ги опишува радоста на љубовта и тагата поради загубата, побудува романтични чувства, го растреперува сечие срце, создава бура во душата.

Лада Шоптрајанова Петровска