Од денеска до 10 октомври издавачот „Антолог“ го организира фестивалот на европската литература „Букстар“ под слоганот „Отаде“. Фестивалот оваа година го поставува прашањето: што се наоѓа отаде сивата магливост по слушнатите приказни на црната и белата страна? Како секоја така и оваа година, организаторите ќе се обидат преку книжевноста да ги објаснат културолошките промени. Фестивалот е од социјално ангажиран карактер и негова цел е да разбранува интерес кај пошироката јавност, нудејќи содржина што помага полесно да се разберат проблемите со кои се соочува општеството денес.

– Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика ќе бидат претставени шест автори со спротивни заднини, тематики и интереси: Халдора Тородсен (Исланд), Михал Вивег (Чешка), Кадер Абдолах (Холандија), Евгениј Водолазкин (Русија), Слободан Шанјдер (Хрватска) и Марко Шелиќ Марчело (Србија), кои ќе се обединат и заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ. Отаде шизоидните наративи во секојдневието, постојат личните приказни, кои најдобро сведочат за хаосот на идеологиите – вели издавачот.

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Јана Андева, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.
Во фокусот на фестивалот и оваа година ќе бидат гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела.

На 7 октомври фестивалот се отвора во 19 часот со поздравна реч на Самуел Жбогар, амбасадор на Европската Унија. Веднаш потоа ќе биде претставена и првата гостинка на фестивалот, Халдора Тородсен од Исланд, и ќе биде промовиран нејзиниот роман „Двојно стакло“, добитник на Европската награда за книжевност во 2017 година. Книгата ќе ја промовира Ана Мартиноска. По неа ќе биде промовиран романот „Воспитувањето девојки во Чешка“ од гостинот од Чешка, Михал Вивег. Неговиот роман ќе го промовира Јасна Котеска. Сите промоции ќе се одржат во киното „Фросина“ при МКЦ.

Во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, ќе бидат организирани две книжевни дискусии на кои ќе присуствуваат дел од авторите гости заедно со македонски претставници од светот на книжевноста. Ќе се одржи и работилница со Марко Шелиќ-Марчело, писател и рап-музичар, кој исто така со години работи на полето на едукација на младите луѓе од целиот Балкан. Ќе има и Саем на европската литература, каде што ќе може да се набават книги добитнички на Европската награда за книжевност и други книги од европски автори по намалени цени. Покрај организаторот „Антолог“, на саемот ќе учествуваат уште и „Арт конект“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Готен“, „Или-или“, „ПНВ публикации“, „Полица“ и „Три“.