Буквите и нотите се слични. Книжевноста и музиката се уметности што се сродни и често се дополнуваат. Композиторите својата инспирација неретко ја црпат од книжевноста, а писателите од музиката. Бидејќи ова е музичка приказна, ќе раскажувам за композиторите.

Најдиректна поврзаност меѓу книжевноста и музиката се забележува во операта. Оперските композитори со задоволство посегнувале по книжевните творби и ги обработувале во своите дела. Најчесто само фабулата служела како основа за музичката граѓа или како темел на либретото. Еден од првите композитори што посегнале по поетски текстови бил Кристоф Вилибалд Глук во својата „Ифигенија во Аулида“, базирана врз стиховите на Еврипид и Жан Расин. Џузепе Верди својата инспирација ја нашол во творештвото на Виктор Иго („Ернани“), Фридрих Шилер („Лујза Милер“ и „Дон Карлос“) и Вилијам Шекспир („Магбет“, „Отело“ и „Фалстаф“). Француските композитори ја црпеле инспирацијата од делата на Гете (Шарл Гуно – „Фауст“, Жил Масне – „Вертер“), а руските од капиталните дела на Александер Пушкин (Михаил Иванович Глинка – „Руслан и Људмила“, Петар Илич Чајковски – „Евгениј Онегин“ и „Пикова дама“, Модест Мусоргски – „Борис Годунов“). Сергеј Прокофјев ја обработил „Војна и мир“ на Толстој.

Стиховите на големите поети биле мелодизирани од многу мајстори на соло-песната. Франц Шуберт компонирал 80 песни врз стиховите на Гете, Роберт Шуман ги опеал песните на Хајне, Клод Дебиси на Бодлер, Верлен и Маларме, Паул Хиндемит на Рилке.

И во инструменталната музика често биле користени дела или мотиви од делата на големите писатели. Кај повеќето композитори книжевните дела служеле како инспирација или патоказ, но Франц Лист отишол чекор понапред и создал нова форма во програмската музика – симфониската песна – во која својата склоност кон романтика и патетика ја базирал врз творештвото на француските романтичари. Во својата прва програмска симфонија, Лист ги насловил и ги напишал ставовите според ликовите на Гетеовиот „Фауст“, а втората програмска симфонија со музички јазик ја илустрира „Божествената комедија“ на Данте.

Нотите беа моето прво писмо, мојата прва азбука. Ги научив кога имав пет години, пред да ги запознаам буквите. Маѓепсаноста од нотите, која ја имав како дете, сѐ уште трае. И ќе трае.

Лада Шоптрајанова Петровска