Од 15 до 26 септември унгарската публика имаше можност да проследи серија културни настани од Македонија во рамките на манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2019“.

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ се организира по повод 30 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Лекторатот по македонски јазик при Институтот за славистика и балтичка филологија е отворен во 1989 година.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ започнаа со проекција на македонскиот филм „Исцелител“. На отворањето на манифестацијата, лекторот Златко Панзов истакна дека манифестацијата треба да стане традиционална, имајќи ги предвид добрите македонско-унгарски културни врски градени во текот на изминатите неколку децении, со надеж дека македонската култура ќе биде редовен културен избор за унгарската публика во иднина.

Амбасадорот на РСМ, Горан Стевчевски ја поздрави иницијативата укажувајќи на важноста на ваквите културни настани за подобрување и засилување на врските меѓу двете земји и искажа голема благодарност до Златко Панзов, за промовирање на македонскиот јазик и култура во Унгарија.

На 18 септември унгарската публика имаше можност да погледне селекција од македонски кратки филмови создадени во периодот 2017-2019 година.

Селекторот на филмовите, Александер Нискач од Љубљана шорт филм фестивал истакна дека ова е првпат да прави селекција од македонски кратки филмови што се прикажува надвор од Македонија и дека тоа претставува одлична можност за промовирање на македонскиот краток филм.

На 23 септември Сашо Поповски Трио одржа концерт во Будапест Јазз Цлуб, еден од најдобрите џез клубови во Европа. Унгарската публика имаше можност да слушне уникатни џез композиции проткаени со ориентални мотиви во одлична изведба на триото составено од Сашо Поповски, гитара, Иван Бејков бас и Виктор Филиповски, тапани.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ беа затворени на 26 септември со промоција на унгарскиот превод на романот „Вештица“ од Венко Андоновски. За романот зборуваше Иштван Лукач, професор на универзитетот ЕЛТЕ. Романот од македонски го преведе Анамарија Цинеге-Панзова.

Венко Андоновски одржа и предавање за хрватскиот поет Матош пред студентите на групата за хрватски јазик и книжевност на Институтот за славистика и балтичка филологија.

На лекторатот по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ овој семестар 13 студенти ја посетуваат наставата по македонски јазик, а од година на година се зголемува интересот за изучување на истиот.

Според лекторот Златко Панзов организирањето на вакви културни настани овозможува поголема видливост на самиот Лекторат и воопшто будење на љубопитност и интерес за македонскиот јазик, литература и култура кај пошироката унгарска публика.

Организатор на манифестацијата е Лекторатот по македонски јазик во соработка со Здружението на Унгарците – Теледом од Скопје, а истата е поддржана од Министерството за култура на Македонија и Амбасадата на Македонија во Будимпешта.