По 51-от филмски фестивал „Гоа“ во Индија, Интернационалниот филмски фестивал во Софија го селектира долгометражниот игран филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов-Изи во натпреварувачката програма „Балканска компетиција“, на своето 25-то издание, кое е во тек и ќе трае до 31 март.

Софискиот фестивал е признаен како еден од најзначајните во Централна и Источна Европа, категоризиран од меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти ФИАПФ, вброен помеѓу 50-те годишни настани во светот што не смее да се пропуштат и во календарот на меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Годинава, поради пандемијата, фестивалската програма ќе биде прикажана преку онлајн и физички проекции.

„Хомо“ е снимен по сценарио на Игор Иванов и Сашо Кокаланов. Авторски потпис ставија и Маја Радошевиќ како кинематограферка, Кирил Спасески – сценограф, шминка и фризура – Аленка Нахтигал, костимограф Полонца Валентинчиќ, Мaртин Иванов – монтажа, дизајн на звук – Борис Трајанов, автор на музиката е Зоран Спасовски, а во филмот провејуваат и песните на Љупчо Константинов. Улогите ги толкуваат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски, Себастијан Каваца, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.