Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик се објави романот „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ од британската авторка Емили Бар. Романот од англиски го преведе Ацо Пероски, а неговото објавување е поддржано од Европската Унија и од Министерството за култура, во рамките на проектот „Креативна Европа“. Станува збор за бестселер за млади, психолошки трилер, кој набргу по објавувањето ја освои читателската публика во Велика Британија, другите европски земји, американскиот континент и Австралија.

Флора Бенкс има седумнаесет години и има редок вид амнезија. Сè што ѝ се случува, многу брзо го заборава. Постојано се обидува да се сети на минатото. Живее сега и тука. Но една вечер ќе го бакне Дрејк и ќе се промени сè…
Во книгата е раскажана несекојдневна љубовна и животна приказна. Приказна што мотивира на упорна борба, а возбудливиот начин на кој е напишана, не го остава читателот ниту за миг.

– Возбудлива, непредвидлива, уникатна, трогателна, охрабрувачка книга што нема да ја заборавите никогаш! – го најави првото издание на книгата издавачот „Пингвин букс“ од Лондон.
Авторката на делото, Емили Бар, работела како новинарка за престижниот весник „Гардијан“ во Лондон, но отсекогаш копнеела да пишува книги. Досега има објавено 12 романи, за кои има добиено голем број книжевни награди и признанија. Единственото сеќавање на Флора Бенкс (2017) е нејзиниот прв роман за млади. Со сопругот и со децата живее и твори во Корнвол.