Годинашна ѕвезда на фестивалот е Бранка Катиќ, една од најхаризматичните актерки на бившите југословенски простори, која истакна дека верува дека треба да нѐ поврзува нешто во што навистина сме добри и да учиме од другите.
– Не можеш да го игнорираш општеството во кое живееш и она што во него навистина се случува. За мене би било целосно сеедно кој е на власт, сѐ додека гледам дека таа власт се грижи за својот народ. Не сме толку политички зрели, немаме толеранција, слободни медиуми, слобода на изразување, едноставно немаме простор каде би слушнале поинакви мислења, а тоа веднаш да не биде сфатено како некаква критика на власта – вели Катиќ.
Таа се осврна на периодот на социјализмот во кој растевме.- Родителите добиваа станови од претпријатијата, здравствените домови беа чисти, лекарите насмеани, факултетите бесплатни и тоа каков успех имаш на училиште одлучуваше какво место ќе добиеш на листата на факултет, а не дали имаш пари да платиш или не. Тешко е од таков социјализам да се премине во овој премин, не знам веќе каде сме, квазинеолиберален капитализам. Тешко е затоа што сите ние сме некако така воспитувани, дека сите сме еднакви и јас во тоа верувам – додава српската актерка.