Британскиот премиер вели дека Лондон одбива да ги врати фризовите познати како Елигиновиот мермер, едно од ремек-делата што се наоѓа во Британскиот музеј. Фризовите на славниот антички Партенон во Атина, кои Грција со децении бара од Велика Британија да ѝ ги врати, според Џонсон, се „легално купени“ и му припаѓаат на Британскиот музеј.
Одбивањето на грчкото барање од Лондон се случува во време кога Грција се подготвува да ја прослави 200-годишнината од независноста од 25 март 1821 година, која треба да се случи наредната недела. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по тој повод официјално побара да им бидат позајмени фризовите на Партенон.
Џонсон, кој летува редовно во Грција, во куќата на неговиот татко, за грчкиот весник „Та неа“ изјави дека „ги разбира силните чувства на Грците и на премиерот за проблемот“. Тој, сепак, не даде никаква надеж за враќање на овие артефакти, кои биле испратени во Лондон на почетокот на 19 век од британскиот дипломат лорд Елгин.
– Британската влада долго време држеше цврст став за овие фризови, дека тие биле легално купени од лордот Елгин, во согласност со тогашните важечки закони. Британскиот музеј е нивен законски сопственик од пристигнувањето на фризовите во Лондон – рече недвосмислено Џонсон.

Британските власти тврдат дека фризовите биле земени со дозвола на тогашните османлиски власти, кои ја окупирале Грција, но Атина смета дека тоа е „кражба“. Весникот „Та неа“ наведува дека Џонсон првпат се изјаснил по ова прашање откако е премиер. Тој го спомна тоа пред седум години, кога беше градоначалник на Лондон, во преписка со американскиот актер Џорџ Клуни, кој тогаш побара враќање на скулптурите во Атина.
Со поддршка на многу личности низ светот, Атина секогаш се залагала за дипломатско решение наместо за судско. Таа предложи медијација на УНЕСКО, што Британскиот музеј го одби. Музејот „Акрополис“ чува посебно место каде што ќе бидат поставени фризовите од Партенонот ако бидат вратени.
Во моментов, само една реплика е изложена во музејот, на површина од 15.000 квадратни метри од 2009 година, во подножјето на светата карпа, едно од најпосетуваните места во светот од 5 век пр. н.е.