Францускиот композитор Морис Равел (1875-1937) е најдобриот познавач на душата на симфонизмот, најголемиот мајстор на хармонијата и на оркестрацијата. Неговите дела и ден-денес се парадигма за врвно оркестрирање.
Во 1928 година Равел решил за својата пријателка, руската танчарка и актерка Ида Рубинштајн (1885-1960) да напише балетско дело со шпански призвук. Првичната идеја била да ја оркестрира пијано-свитата „Иберија“ на шпанскиот композитор, пијанист и диригент Исак Албениц (1860-1909). Но набргу одлучил да напише сосема ново дело. Веќе подолго време се носел со помислата да напише композиција базирана само на една тема и решил дека ова е можност да ја реализира оваа своја идеја. На таков начин настанало неговото најпопуларно и најпрепознатливо дело – „Болеро“. Во него целиот потенцијал на Равел за оркестрирање дошол до израз и блеснал во полн сјај. Петнаесетминутната композиција почнува тивко, срамежливо, со краток ритмички вовед на барабанот (кој се одржува до крајот), а гудачките инструменти ја свират хармонската подлога. Во најблага боја и најсуптилна динамика, темата прва ја носи флејтата. Еден по еден, другите дувачки инструменти ја преземаат и си ја подаваат меѓу себе. По нив гудачките инструменти флертуваат со едноставната, но раскошна мелодија, за на крајот сите заедно да ја доведат до кулминација, која звучи густо, тензично, од убавина болно до растреперување.
Музиката на „Болеро“ се појавува во повеќе филмови: „Алегро нон тропо“, „10“, „Болеро“, „Пат до рајот“, „Фантазија“… Оваа прекрасна љубовна и страсна композиција највпечатливо ја оживеа лизгачкиот пар, Џејн Торвил и Кристофер Дин, кој со својот суптилен, заводнички и заносен танц го освои златниот медал на Зимските олимписки игри во Сараево во 1984 година.

Лада Шоптрајанова Петровска