По неколкумесечна расправа околу нејзиниот дизајн, реконструктираната Богородична црква најверојатно ќе изгледа исто.

Сите што се надеваа дека ќе бидат сведоци на новиот изглед на кровот на Богородичната црква во Париз, изгледа ќе бидат разочарани.

Новата француска министерка за култура, Розелин Бачелот, која учествуваше во една од најжестоките дебати во Франција досега, изјави дека Богородичната црква „ќе изгледа исто“ како пред пожарот, кој ја зафати минатата година.

Прашањето дали новиот кров и камбанарија треба да се моделираат на претходниот – кој исто така беше резултат на реставрација од 19 век, или да се преобразат во нешто модерно, беше предмет на вжештена дебата од минатиот април. Во меѓувреме, голем број архитекти и дизајнери ги понудија своите идеи како да ја обноват катедралата.

Говорејќи на француското радио во четвртокот наутро, само неколку дена по преземањето на нејзината функција во владата, Бачелот рече дека постои „широк консензус“ дека кровот и кулата на катедралата не треба да добијат современ дизајн.

– Јавното мислење е дека катедралата треба да го има истиот изглед како пред пожарот. Секако, нема да изгледа „сосема“ исто, но духот на објектот ќе биде задржан – изјави Бачелот.

Сепак, главниот и последен збор ќе го има претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Коментарите на Бачелот сигнализираат на значителна промена во позицијата за администрацијата што досега изгледаше дека е подготвена да предложи и прифати алтернативни дизајни за реконструкцијата на катедралата.

Победничкиот предлог се очекуваше да биде избран во првата половина на годинава, но изгледа одлуката, како и реставрацијата на оштетените делови беа одложени поради пандемијата предизвикана од коронавирусот. Иако понудените дизајни беа иновативни, голем број парижани, сепак, побараа да се зачува духот на катедралата и да се задржи нејзиниот готски изглед.