Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, како една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, ќе ја започне новата, или Блажевата 2021, со новини токму во чест на тоа одбележување. Иницијативата за националната платформа е за да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на великиот Конески, а таа доаѓа од двете министерства, Министерството за култура и Министерството за образование и наука.
– Идејата првпат да се организира зимска школа во рамките на семинарот помина на сите инстанци и се потврди и на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и таа како идеја одлично се вклопува во целокупната национална платформа. Така, првата Зимска школа што ќе се одвива на далечина (онлајн), преку платформата Зум, во времетраење од десет работни дена, во периодот од 25 јануари до 5 февруари, е вистински влог во почнувањето на прославата на овој голем јубилеј – вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

За наставата на оваа Зимска школа се ангажирани лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство. Притоа се организирани лекторски групи за сите нивоа.
– Имено, чувствуваме еден вид потреба на овој начин да му се оддолжиме на Конески, кој, ете, имал свој влог и учество во почнувањето и обмислувањето на тогаш т.н. Семинар за македонски јазик во далечната 1967 г. Самиот тој во познатата книга „Разговори со Конески“, во која се внимателно забележани разговорите што Цане Андреевски ги водел со самиот Конески, во период од пет години (1986-1990), вели дека идејата за формирање еден ваков семинар повеќе ја форсирал Владо Малески, кој во тоа време бил дел од Комисијата за културни работи со странство во тогашната држава. Кон оваа идеја потоа се приклучува и самиот Конески и со своите размисли дал сериозен придонес кон почнувањето на тој прв семинар. И во тоа свое сеќавање тој вака поентира: „ … времето покажа дека има смисла и таа форма, бидејќи тие семинари дадоа свои резултати“ (Конески цитиран според Цане Андреевски). Така што, од таа 1967, на чие чело како директор застанува универзитетскиот професор и колега на Конески, Александар Спасов, еве во 2021-та ќе ја организираме ни повеќе ни помалку туку 54. Летна школа (како сериозна подготовка за оној наш јубилеј в година, 55. Летна школа), ама пред тоа, во чест на Конески, да ја направиме и првата Зимска школа – најавува Мојсова-Чепишевска.

Слушателите се студенти, професори, истражувачи на македонскиот јазик, литература и култура, но и балканисти и слависти од нешто повеќе од 50 слушатели од дури 15 земји, најголем број од регионот, како Грција, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, но и другите европски земји, како Унгарија, Чешка, Полска, Франција, Италија, но и од САД и Канада, а првпат по долго време и од Велика Британија.
– Овој интерес е и благодарение на вложеноста на нашите лектори по македонски јазик во лекторатите на странските универзитети, како и на професорите/предавачите македонисти и слависти на странските универзитети. За своето учество, посетувачите на Зимската школа ќе добијат и уверение, а со тоа тие имаат можност да влезат во самата историја како први учесници на една ваква зимска школа на семинарот – додава директорката на семинарот.
Двете групи што се дел од напреднатиот курс за литература и култура ќе работат на исчитување и преведување на творештвото на Блаже Конески. По завршувањето на оваа прва школа, се планира да се издаде зборник од преводите на учесниците што ќе се работат на лекторските часови (напреднато ниво за преведување и напреднато ниво за литература). Оваа прва Зимска школа може да прерасне во традиција, но за тоа треба да се размислува сериозно, за да не дојде до некое презаситување.

– Зашто по неполни шест месеци треба да биде Летната школа, која сакаме да ја имаме во нејзината автентична форма – во Конгресниот центар на УКИМ, крај Охридско Езеро, секако ако дозволи ситуацијата со актуелниот вирус. Значи, во живо. Можеби е добро Зимската школа засега да остане само како школа на далечина (онлајн), можеби таа и не мора секоја година да се случува или ако се има сили тоа да се прави секоја година, тогаш да се најдат некои нови облици, во смисла да не бидат класично лекторски часови на кои ќе се совладува македонскиот јазик, литература и култура на сите нивоа, туку како еден вид школа на која ќе се водат некои тематски разговори или тркалезни маси – вели Мојсова-Чепишевска.
Големата заинтересираност има од студентите во Хрватска, Унгарија, Турција, Франција, Србија, доаѓаат нашите лектори Биљана Стојановска (Риека), Златко Панзов (Будимпешта), Марина Цветаноска (Истанбул), Ѓоко Здравески (Париз), Моника Илкова (Ниш).