Десет најдрски кражби во уметноста

Грабежи на уметнички дела во галерии и музеи често се наоѓаат на насловните страници на весниците, а црниот пазар на уметнички дела се наоѓа веднаш до нелегалниот пазар на дрога и оружје. Со оглед на високата препознатливост на уметничките дела, тие не се лесни за продажба, па затоа постои правило дека уметничките дела се крадат со причина – само доколку купувачот е веќе осигурен. По повод спектакуларниот грабеж во музејот „Зелен трезор“ во Дрезден, за време на кој крадците избегале со плен во вредност од повеќе милијарди евра, се потсетуваме на 10-те најголеми грабежи на уметнички дела во историјата.

„Поглед на море во Шевенинген“ – Ван Гог
Во декември 2002 година, две дела на сликарот Винцент ван Гог исчезнаа од музејот „Ван Гог“ во Амстердам. Тоа беа пејзажите „Поглед на море во Шевенинген“ и „Собранието ја остава реформираната црква во Нојен“. Тие беа украдени од Октаве Дурам, кој дури 14 години по неговиот потфат признал сè во интервју за документарен филм на холандската телевизија. Самиот грабеж траел околу 3 минути и 40 секунди, а Дурам ги украл делата без да знае колку вредат, само затоа што тие биле најмалите и најлесните за носење. Тој успеал да му ги продаде сликите на италијанскиот мафијаш Рафаел Империале за 350.000 евра, додека, пак, реалните цени на пејзажите на Ван Гог се проценети на меѓу 10 и 70 милиони евра. Дурам беше уапсен и помина само 25 месеци во затвор, по што набргу му се врати на животот на маргините, се обиде да ограби банка и повторно заврши во затвор. Сликите биле пронајдени од италијански детективи, скриени во ѕидот во домот на Рафаел Империале, заедно со украдениот плен во вредност од околу 20 милиони евра.

„Врисок“ и „Мадона“ – Едвард Мунк
Познатата слика „Врисок“ од норвешкиот сликар Едвард Мунк постојано е цел на крадци, а две од неговите постојни верзии се украдени, првата во 1994 година од Националната галерија во Осло и втората во 2004 година од музејот „Мунк“ во истиот град. На денот на отворањето на Зимските олимписки игри во Лилехамер, на 12 февруари 1994 година, двајца мажи влегле во Националната галерија во Осло, ја зеле „Врисок“ и оставиле дрска порака: „Благодариме за лошото осигурување“. Крадците барале откуп од милион долари, практика позната како киднапирање уметнички дела, но галеријата одбила да плати. Норвешката и британската полиција работеа заедно за да ја лоцираат сликата и да ја вратат неоштетена на 7 мај истата година. Две години подоцна, четворица мажи беа осудени за вмешаност во кражбата, но еден од нив, Пол Енгер, кој веќе украл една од сликите на Мунк, „Вампирот“, беше ослободен затоа што британските агенти вклучени во операцијата во Норвешка престојувале без лиценца со лажен идентитети. Десет години подоцна, во август 2004 година, втората верзија на „Врисок“ од 1910 година, беше украдена среде бел ден. Маскирани и вооружени крадци влегоа во музејот „Мунк“ во Осло и ги украдоа и „Врисок“ и „Мадона“. Шестмина мажи беа осомничени, а тројца беа осудени во 2006 година, но сликите не беа пронајдени. Подоцна истата година, норвешката полиција објави дека ги пронашла двете слики речиси недопрени, но не сакаше да открива детали за операцијата. Двете слики биле проценети на 121 милион долари.

„Гулаб со грашок “- Пикасо, „Пасторал “ – Анри Матис, „Жена со лепеза“- Амадео Модиљани
Хрватот Вјеран Томиќ стои зад големиот грабеж што се случи во Париз во 2010 година. Томиќ, инаку голем љубител на уметноста, Французин роден во Херцеговина, бил наречен и хрватски Спајдермен поради лудите кражби што ги извршувал во Франција. Со двајца помошници, Томиќ украл пет слики од Музејот за модерна уметност во Париз во 2010 година, дела од Пабло Пикасо, Анри Матис, Амедео Модиљани, Жорж Брак и Фернанд Легер, проценети на вкупно повеќе од сто милиони евра. Крадците беа уапсени, но сликите никогаш не беа пронајдени. Еден од крадците по неговото апсење изјави: „Ги фрлив делата во ѓубрето. Јас ја сторив најголемата грешка во мојот живот. Она што го направив беше монструозно, но бев во паника, се чувствував како полицијата да ми е на вратот, не знаев што да правам, се чинеше дека ме слушаат, дека ме шпионираат каде и да одев. Отидов по сликата на Модиљани што ја чував во сефот, и ги зедов другите уметнички дела што беа во моето студио, ги уништив сите, ги искинав на мали парчиња и потоа ги фрлив во ѓубрето од зградата каде што живеам“.

„Поле со афиони“ – Клод Моне, „Момчето со црвен елек“ – Пол Сезан
Повеќе слики од Сезан, Дега, Ван Гог и Моне во вредност од 164 милиони американски долари беа украдени среде бел ден во еден од најголемите европски грабежи во 2008 година од приватната колекција Буерл во Цирих, Швајцарија. Тројца маскирани мажи, од кои едниот зборувал германски со словенски акцент, влегле во музејот, ги зеле сликите и побегнале со бел автомобил. Грабежот се случил само неколку дена откако биле украдени две дела на Пикасо од културниот центар во Цирих, а постои голема веројатност дека двата грабежа се поврзани. „Афионите“ на Моне биле пронајдени неколку дена по грабежот, а „Момчето со црвен елек“ на Сезан е пронајдено во полициска операција во Белград во 2012 година.

Музејот „Ван Гог“, Амстердам – украдени се речиси 20 слики
Спектакуларниот грабеж на дури 20 дела од сликарот Винцент ван Гог се случи во Амстердам, утрото на 14 април 1991 година. Сите слики заедно беа проценети на околу 500 милиони долари за време на грабежот. Една од украдените слики беше познатата „Сончогледи“, но крадците не успеаја да избегаат далеку. Еден час по грабежот, сликите беа пронајдени и вратени. Поточно, четворица крадци превезувале украдени дела со автомобил на кој му пукнала гумата, па тие морале да почнат да бегаат и ги оставале уметнички дела во автомобилот.

Грабеж во музејот „Изабела Стјуарт Гарднер“
Грабежот во музејот „Изабела Стјуарт Гарднер“ од половина милијарди долари е најголемиот грабеж во САД и еден од најголемите во светот. Тоа се случи на 18 март 1990 година, кога крадците тивко влегле во музејот, ги врзале чуварите и поминале цел час избирајќи уметнички дела. Украле вкупно 13 дела, меѓу кои и „Бура на Галилејско Море“ на Рембрант и „Концертот“ на Јоханес Вермер, дотогаш најскапо проценетата слика на сите времиња, проценета на 200 милиони долари. До денес, идентитетот на крадците не е познат и ниту едно од делата не е пронајдено. Празните рамки сè уште висат на местото на украдените слики на sидовите на музејот „Изабела Стјуарт Гарднер“.

Грабеж во уметничката галерија „Витворт“
Овој грабеж од 2003 година е можеби еден од најинтересните во историјата – затоа што тоа, всушност, не било грабеж. Непознат маж или група луѓе, од галеријата „Витворт“ во Манчестер украле дела од Винцент ван Гог, Пабло Пикасо и Пол Гоген, во тоа време вредни 4 милиони фунти. „Добронамерните“ крадци ги оставиле сликите во јавниот тоалет, на само 200 метри оддалеченост од галеријата со порака: „Не беше наша намера да го украдеме, само да укажеме на очајната безбедност“. Полицијата на шега ги нарече овие тоалети „лу-вр“ (на британско англиски „лу“ значи тоалет).

Џон Тилман
Второто место на листата не му припаѓа на само еден грабеж, туку најуспешниот крадец на сите времиња, Џон Тилман, кој во својата кариера украл над 10.000 уметнички дела и артефакти од разни музеи, галерии и антички продавници – вклучувајќи и вистинска египетска мумија. Канаѓанецот Тилман и неговата сопруга, русинката Катја Анастасија Жестокова, заедно со славната двојка Бони и Клајд, украле неверојатен број уметнички дела низ светот – во Европа, Блискиот Исток и Северна и Јужна Америка. Наводно, од чиста возбуда, тие понекогаш имале и интимни односи додека ги извршувале грабежите. Иако Тилман беше уапсен, тој одби да го открие името на неговата сопруга и нејзиниот брат, кој им помагал, и тие сè уште не се уапсени и се кријат во Русија. Тилман, исто така, успеа да украде една од највредните книги во светот, првото издание на „Потеклото на видовите“ на Дарвин, старо 150 години и вредно стотици илјади долари.

„Мона Лиза“ – Леонардо да Винчи
Пред грабежот во Дрезден да го собори рекордот, кражбата на „Мона Лиза“ од „Лувр“ со проценета вредност од 794 милиони долари беше најголема досега. На 21 август 1911 година, поранешен вработен во „Лувр“, Винченцо Перуџа, ја поминал ноќта скриен во музејот, а следното утро, во неработен ден, ја отстранил „Мона Лиза“ од рамката, ја скрил под својата бела наметка и исчезнал. Дури следниот ден, зачудениот персонал на музејот сфатил дека сликата ја нема. Полицијата подоцна го испрашувала и Перуџа, како и сите други вработени во музејот, но тој, наводно, имал алиби и тие не можеле ниту да претпостават дека сликата е во неговиот стан. Во меѓувреме, за кражба беше осомничен славниот поет Аполинер, кој тогаш го обвини Пикасо, но и двајцата се извлекоа. Перуџа не можел повеќе да издржи, па се обидел да ѝ ја продаде сликата на галеријата „Уфици“ во родната Италија, по што бил фатен. Тој подоцна тврдел дека сакал само да ја врати „Мона Лиза“ во нејзината татковина, каде што припаѓа.