„Битола Шекспир фестивал“ се издвојува од групата театарски фестивали не само по тоа што фестивалот очигледно го слави Шекспир, туку и по намерата фокусот на овој фестивал да биде не толку на сценографиите и амбиентите, туку на препуштањето на публиката да ја доживее генијалноста на најзначајниот драмски писател што го имало човештвото, велат од Народниот театар од Битола

Битолскиот „Шекспир фестивал“, кој е во тек, годинава се одржува под мотото „И на крајот вистината ќе се дознае“. За време на шесте фестивалски дена, ќе бидат одиграни 6 претстави од 5 држави: Хрватска, Италија, Романија, Шпанија и Македонија.
– „Битола Шекспир фестивал“ се издвојува од групата театарски фестивали не само по тоа што фестивалот очигледно го слави Шекспир, туку и по намерата фокусот на овој фестивал да биде не толку на сценографиите и амбиентите, туку на препуштањето на публиката да ја доживее генијалноста на најзначајниот драмски писател што го имало човештвото. Тоа е претставено главно преку актерската вештина низ која патуваат гледачите и секогаш на различен начин да го доживуваат Шекспир – велат организаторите од Народниот театар од Битола.

Фестивалот беше отворен со гостувањето на Хрватско народно казалиште од Сплит, со Шекспировата „Кротење на фуријата“ во режија на Иван Плазбат. Оваа претстава минатата година ја понесе главната награда на фестивалот „Гавела“.
На фестивалот италијанската танчарска група ја изведе „Лејди Магбет“, претстава што беше донесена преку танц и кореографија со специфичен ракопис, преплетен со визури на класичен и модерен балет и модерни танцови сегменти со голема енергија и емоции.

– Шекспир е фасцинација сам по себе, а знаете дека Шекспир е автор што може да биде пресликан во секое време и доба, и тоа е предноста да се даде свој агол на гледање – рече Валтер Матеини, кореограф и танчар.

Седмото издание на овој фестивал ја привлече младата публика, за која, покрај изведбите на делата од Шекспир е обезбедена и разновидна оф-програма.

– Битолскиот народен театар станува некаква точка и центар во кој се собираат младите интелектуалци што сѐ уште се останати во градот и токму затоа, сакавме цел пакет да обезбедиме за младите луѓе што гледаат театар, а потоа да можат да се опуштат со пијалак и да разговараат за она што го виделе – вели Илина Чоревска, уметничка директорка на фестивалот и на БНТ.

Во наредните денови, ќе се претстават актери од „Наве театарот“ од Шпанија со претставата „Јулија и Офелија, доживотни самоубиства“, Класичниот театар „Јан Славик“ од Романија ќе ја изведе пиесата „Розенкрац и Гилденстерн се мртви“, а завесата ќе биде спуштена в петок со „Кралот Иби“ на Драмскиот театар од Скопје, во режија на Васил Христов.

– Министерството за култура го поддржува фестивалот со милион и 700 илјади денари и еден милион од општината Битола. Овој пат нема да кажам дека тоа се премалку пари, тие се доволни. Првпат овозможивме апликации за учество на фестивалот, па така составиме една квалитетна програма што не изискува огромни средства, за да не се доведеме во ситуација да бидат потребни огромни средства и да не можеме да го покриеме сето тоа – вели Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар од Битола.

Во „Оф-програмата“ се: промоција на книга, работилница за деца, настап на аматерска театарска група, настап на студенти – идни актери, дебатно кино со проекција на филм и неформални дружења на учесниците на „Битола Шекспир фестивал“ со познати бендови и диџеи.