Предвидено е прикажување и на сите претстави од 2012 година од фестивалот „Глоуб ту Глоуб“, каде што спаѓа и македонската претстава „Хенри Шести – трет дел“ во изведба на Народниот театар од Битола

Бесплатно гледање претстави онлајн од почетокот на неделава на светот му понуди и „Шекспировиот театар Глоуб“ од Лондон, голем број свои, но и различни копродукции работени по дела на големиот Шекспир. Предвидено е прикажување и на сите претстави од 2012 година од фестивалот „Глоуб ту Глоуб“, каде што спаѓа и македонската претстава „Хенри Шести – трет дел“ во изведба на Народниот театар од Битола. Од тој фестивал на матичните јазици, со превод на англиски јазик, ќе може да се видат и корејската претстава „Сон на летната ноќ“, полската „Макбет“, хебрејската „Венецијанскиот трговец“, како и „Хенри Шести – прв дел“ на Народниот театар од Белград.

– Публиката е во салонот. Претставата само што не започнала. Светлата се гасат. Завесата се крева. Музика. Изговорена е првата реплика. Публиката е вовлечена во театарската магија. Полека ѝ ги предаваме нашите желби, стравови, дилеми. Во текот на претставата стануваме едно. Некој некаде деновиве напиша дека истражувањата покажале дека ритамот на срцето на сите во публиката се изедначува кога гледаат театар. Денес нашата реалност е сосема поинаква. Театрите се затворени, публиката и актерите се дома – изјави директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ, посочувајќи дека од 27 март, Светскиот ден на театарот, овој театар на својот јутјуб-канал секојдневно поставува претстави што веќе го поминале патот на матичната и на сцените низ светот.
Во петокот беше прикажана претставата „Нотр фем д’ Пари“, а вч ера на репертоарот имаше снимка од прославата на 70-годишнината од постоењето на Народниот театар од Битола.

– Се трудиме да допреме до секого и барем малку да го разубавиме ова тешко време. Особено сме горди на пофалните зборови што доаѓаат од секаде. Деновиве во една статија на реномираниот сајт www.thestage.co.uk е издвоена нашата „Хенри Шести – трет дел“ како препорака за гледање на онлајн репертоарот на ‚Глоуб“. Седете дома и гледајте театар – порачува Јерчиќ.
Шекспирови дела деновиве се достапни на јутјуб-каналот и на „Глоуб плејер“, а до 19 април таму ќе може да се види претставата „Хамлет“ од репертоарот на „Глоуб“, по што ќе следуваат: „Ромео и Јулија“, „Сон на летната ноќ“, „Зимска приказна“, „Двајца благородни роднини“ и „Веселите жени виндзорски“.