ПО МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА ВО КИНОТО „МИЛЕНИУМ“

Манчевски ги користи документаристичките методи во подрачјето на фикцијата за да покаже всушност како и колку може да се манипулира со вистината, а преку вметнувањето неколку надреални елементи (богомолката што оживува) покажува колку лагата понекогаш оди над границите на реалното. Манчевски не робува на идеалот на жанровска чистотија, а неговата луцидна имагинација и слободна креативност ѝ дава посебна вредност на филмската уметност што ја создава

Поднасловен како „Документарец за една бајка“, новиот филм „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, по својата набиена европска и светска фестивалска агенда, го виде и македонската публика завчеравечер во киното „Милениум“. Салата беше исполнета до последното место што беше сосема очекувано имајќи предвид дека станува збор за нашиот најреспектиран филмски режисер, миленик на скопската публика, а не помалку и на светската. Премиерата беше културен настан од највисок ранг, па оттука незаобиколно беше присуството на многубројни актуелни и поранешни функционери, луѓе од бизнисот, професори, актери, режисери, продуценти, музичари, новинари…
Пред проекцијата беше прикажан и неговиот „Крајот на времето“, краткометражен експериментален филм, кој во само неколку неколку минути прикажува момент од секојдневието (детска игра на улица во Куба), кој всушност трае само неколку секунди, а во кој режисерот преку забавено движење на сликите создава илузија на стандардното течење на времето. Овој растегнат филмски миг беше убава увертира за речиси двочасовниот филмски експеримент на Манчевски што се движи некаде меѓу играното и документарното.

Иако многумина го истакнаа ова жанровско отклонување како најспецифичен аспект на филмот, всушност се работи за игран филм, фикција, (сите ликови во филмот се професионални актери, а не реални личности, ниту е користен автентичен документаристички материјал). Филмот на Манчевски само кокетира, главно во техничка смисла, со документаристичкото.

„Бикини Мун“ е импресивен во занаетска смисла, технички доведен до совршенство, со одличен кастинг, извонредна фотографија, ненаметлива музика…, но по малку тежок за следење на дејството во кое се забележливи низа повторувања. Ова дефинитивно не е филм што се гледа со пуканки (можеби оправдано не беше дозволено нивно консумирање на премиерата) ниту филм што може да се гледа повеќе пати (барем не за обичниот гледач), но дефинитивно е филм на кој повеќекратно може да му се навраќа професионалната фела.

Приказната ја следи сексапилната и ментално лабилна Бикини (Кондола Рашад), њујоршка бездомничка со не докрај познато минато (?), токму такво погодно за медиумска манипулација. Оваа наводно повратничка од Ирак има минато, кое како да е создадено за воајерското око на една млада филмска екипа (Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Микал Мишел Харис…) со желба да се прослави во светот на независните филмаџии, но и за јавноста жедна за трагични приказни, чија експанзија во новото информатичко време е несопирлива. Моралот и вистината, загрозени од лицемерството и лагата, се основната тема на филмот, која тука е третирана преку несекојдневен филмски јазик.

Петтиот игран филм на Манчевски се разликува по многу нешта од неговите претходни, прво затоа што е целосно американски, не само во продукциска смисла (ова е прв негов филм во кој не учествува Македонија), туку и по сензибилитет, за разлика од претходните („Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“), кои помалку или повеќе го содржат локалниот контекст. Македонското учество е сведено на двајца Македонци – композиторот Игор Василев Новоградска и мајсторот на визуелни ефекти Мишо Ристов.

Оттука во право е режисерот кога вели дека филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот, кој му е втор дом, и кој сосема очигледно многу го инспирира. Кокетирањето со документарното е продолжение на постапката од „Мајки“, но и покрај тоа „Бикини Мун“ е свеж и оригинален филм, сосема различен од она што досега сме го виделе од нашиот најуспешен филмски режисер, но сепак со препознатливо филмско авторство.

Со „Бикини Мун“ Манчевски го задоволува гладот на публиката за реални приказни, наспроти заситеноста од холивудската фикција, но тоа го прави од дистанца со критички пристап, што му го дозволува филмот како уметност. Овој филм е своевидна активистичка пилула против шизофреното консумирање информации.

Манчевски ги користи документаристичките методи во подрачјето на фикцијата за да покаже всушност како може да се манипулира со вистината, а преку вметнувањето на неколку надреални елементи (богомолката што оживува) покажува колку лагата понекогаш оди над границите на реалното. Манчевски не робува на идеалот на жанровска чистотија, а неговата луцидна имагинација и слободна креативност ѝ дава посебна вредност на филмската уметност што ја создава. Оттука, како поткрепа на ова сосема слободно може да се цитира познатата Годарова мисла за меѓусебното преплетување на играното и документарното: „Секој голем игран филм прераснува во документарен, а секој голем документарен во игран“.