Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да ѝ се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“, како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи така и физички, велат од МСУ

Биеналето на млади уметници оваа година ќе се одржи од 5 мај до 1 септември во Музејот на современата уметност, на темата „Страст за лутање“. За таа цел МСУ отвори повик до сите млади уметници за претстојното 13-то издание, а повикот е отворен до 20 март за македонски и за странски автори.
– Да се патува бесцелно од место до место. Кога ќе ја тргнеме настрана целта на патувањето, било заради туризам било заради работа, остануваме со чиста форма на движење, движење како основна функција на целиот живот и енергија. Под притисокот на живеењето како фиксни субјекти на капитализмот принудени сме да произведеме вредност што може да се потроши. Да се троши енергијата бесцелно е да се живее во непочитување на овој системски погон, да не се следи кодот на логиката на капиталот. Така, желбата за лутање е реткост, таа е скудна во сегашната ситуација. Креативното уметничко дело во својата природа не може да ја прифати ваквата ограниченост. Затоа што она што го цениме како уметност секогаш е чин што означува пауза, прекин и пукнатина во она што е веќе дадено во нашиот адаптиран сетилен систем. Во потрага сме по уметноста што не го репродуцира значењето на сегашноста. Ја сакаме уметноста што го навестува она што во сегашната состојба на знаење е неотповикливо – велат од МСУ за темата на годинашното биенале.
Музејот на современата уметност ги поканува младите уметници на движење без цел.
– Покануваме „скитници“ со надеж дека ова движење неочекувано ќе открие и ќе дојде до нови територии. Територии кон кои може колективно да се движиме и да пронајдеме некаква случка, новина – додаваат оттаму.

Повикот е отворен за апликации на млади уметници на возраст од 18 до 35 години, во формати и на начини што овозможуваат исчезнување на целите. Така, главната тема на ова Биенале на млади уметници е немање цел за ништо конкретно во сегашната состојба на нештата во светот, туку желба сè да биде на друго место. Пријавите ќе може да се испраќаат во електронска форма на македонски и на англиски јазик на адресата на МСУ. Апликацијата треба да содржи опис на делото, кратка биографија до 500 збора, фотографии од делото со податоци за наслов, година, техника и димензии, како и листа на потребна опрема за техничка реализација и инструкции за инсталација на делото. Авторите аплицираат со веќе продуцирани дела, а транспортните трошоци за странските уметници ги покрива музејот. Авторите конкурираат со едно свое дело настанато во периодот од 2018 до 2021 година. За резултатите од конкурсот уметниците ќе бидат известени до 1 април. Избраните автори се должни да ги достават делата опремени за изложување и означени со име, презиме, наслов, година, техника и димензии. Сите пријавени дела на биеналето ги селектира и оценува жири.

Музејот го задржува правото да ги фотографира сите селектирани дела, да ги објави во каталог и да ги користи за пропагандни цели.
– Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксираат и се имобилизираат поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор што таа истовремено го пронаоѓа, страста за лутање станува политичко движење. Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да ѝ се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“, како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи така и физички – велат од МСУ.