По објавувањето на „Повторно роден“, Мацантини добила голем број писма и пораки од луѓе што го преживеале хоророт на босанската војна – социјални работници, свештеници, доктори и членови на невладини организации

Издавачката куќа „Антолог“, во рамките на проектот „Биди свој, биди ЕУ!“, ја објави книгата „Повторно роден“ од италијанската авторка Маргарет Мацантини. Станува збор за интернационален бестселер, убедлива слика на мајчинството, стравотната војна и загубата, но и на надежта и искупувањето.
Џема, главниот лик во романот, прогонувана од сеќавањата на четиригодишната опсада на Сараево, неочекувано се качува на авион заедно со шеснаесетгодишниот син Пјетро до градот разорен од неодамнешната војна. Таа се надева дека Пјетро ќе дознае за градот на нејзиното детство и за Диего, таткото кого тој никогаш го нема запознаено… Овој „прогонувачки роман“ е софистицирано дело на Мацантини преку кое таа ја испитува емотивната територија на она што значи семејството – конкретно што значи да се биде мајка.

Маргарет Мацантини e родена во Даблин, а живее во Рим. Била филмска, телевизиска и театарска актерка, но меѓународно е позната како писателка. Авторка е на „Не помрднувај се“ (2001), „Зоро“ (2002), „Повторно роден“ (2008), „Moрето наутро“ (2011), „Сјај“ (2013) и други книги, за кои ги добила наградите „Рапало-Кариџе“ и „Кампиело“, но и Орденот за заслуги на Република Италија. По објавувањето на „Повторно роден“, Мацантини добила голем број писма и пораки од луѓе што го преживеале хоророт на босанската војна – социјални работници, свештеници, доктори и членови на невладини организации, и сите тие изјавувале дека книгата ги предизвикала интимно одново да поминат низ трауматичните искуства од минатото.

Македонското издание на книгата е преведено од Калина Јанева, графички уредено од Марко Трпески, а финансиски поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура.