Во Рациновата формула „да мислиш со глава“, Вангелов го препознава силното ехо на европската хуманистичка филозофска мисла, која стана духовен татко на првата револуција од 1789 година во Франција

„Рацинови средби“ – Велес

Во Велес, градот на поетот и револуционер Коста Солев Рацин, со меѓународната научна конференција „Синтези: Рацин и Конески“, вчера започна програмата на годинашната манифестација „58. Рацинови средби“, која секоја година се одржува во негова чест. Во тие рамки беа промовирани научни дела испечатени во периодот меѓу две конференции, а организатори се Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот за македонски јазик при Владата и Општина Велес.
На свеченото отворање на Рациновите средби во салата на народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Беседа за Рацин одржа Атанас Вангелов, по што се одржа и традиционалниот Меѓународен поетски митинг.
– На 28-годишна возраст, односно во 1936, основоположникот на современата македонска литература, критика и, воопшто, интелектуална мисла Коста Солев Рацин ја објави, на македонски јазик, својата песна „До еден работник“, која не ја вклучи во својата прва и единствена книга поезија „Бели мугри.“ Таа кратка песна на Рацин почнува со следниве стихови: „Да бидеш човек, да имаш топла крв/ да работиш со рака и мислиш со глава/ и па да бидеш нешто мртво.“ Според некои добро упатени специјалисти во уметничкото дело на Рацин, таа прва песна на македонски има своја српскохрватска верзија, различна по структура и тон, објавена во 1930 год., во сараевското списание „Снага.“ Јас мислам дека сепак станува збор за две различни песни на Рацин иако имаат идентичен наслов – пишува Вангелов.
Во Рациновата формула „да мислиш со глава“, Вангелов го препознава силното ехо на европската хуманистичка филозофска мисла, која стана духовен татко на првата револуција од 1789 година во Франција.

– Според таа филозофска мисла, луѓето се раѓаат еднакви. Нивната социјална организација со нејзините закони, кои штитат едни, а им нанесуваат страшни неправди на други, е таа што прави господари од едни, а робови од други. Во поентата од својата песна од 1930 година, Рацин се ограничува на тоа лирски да ја формулира таа социјална неправда со стиховите: „А себи ковати метални оков/ срама и беде.“ Во поентата од својата песна од 1936 г. оној „оков од срам и беда“ се преобразува во енергичен повик да се „срони“ еден неправеден свет на „срам и беда“ за да се направи друг, поубав и „братски,“ како што вели поетот на „Бели мугри“ – вели понатаму професорот.
Во својата Беседа за Рацин, Вангелов додава дека е уверен дека во неговите стихови би имало многу повеќе горчина и гнев од оние што ги среќаваме во неговите „Бели мугри.“

– Беспомошниот Рацин, како што вели Конески, загина во јуни 1943 година и тој не доживеа да се остварат неговите идеали, како што доживеа Крлежа во неговата длабока старост. Рацин беше „понесен од македонската идеја и социјалистичката револуција“ како што кажа Конески две-три недели пред да почине, на 17 ноември 1993 во Велес, на „Рациновите средби“. Како и Крлежа, така и Конески доживеа да се остварат неговите идеали, но не и Рацин. Од тие остварени идеали потекнуваат песните „Молитва“, „Лажни пророци“, „Че Гевара“, „Девственици,“ „Кале“ и многу други. Јас го слушам, во тие песни, не само огорчениот глас на Конески туку и оној на Рацин, кој, како и поетот Коле Неделковски, зборува, низ устата на Конески, во неговата поема „Ракување“. Тој глас на Рацин одамна се слеа со гласот на Конески, како што неговиот глас се слеа со гласот на оние што и денес копнеат по правда и достоен живот – заклучува Вангелов.
Свеченото затворање на „58. Рацинови средби“ е вечерва, кога ќе бидат претставени портретите на годинашниот добитник на почесното Рациново признание, Ала Генадјевна Шешкин, и на Рациновото признание, Милован Стефановски, и ќе бидат врачени наградите. Програмата на годинашните „58. Рацинови средби“ ќе заврши в недела со традиционалната посета на местото на погибелта на Рацин во Лопушник, а во таа чест ќе се одржи и Марш за Рацин.