Винченцо Белини (1801-1835) својот подем во светот на славните италијански оперски композитори го почнал во времето кога Џоакино Росини (1792-1868), на општо изненадување, се повлекол од компонирањето и сцената. Како да сакал на својот помлад колега да му обезбеди чист пат во универзумот на операта.
Белини напишал повеќе опери, најзначајните меѓу нив се „Пират“ (1827), „Капулети и Монтеки“ – по Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“ (1830), „Месечарка“ (1831), „Норма“ (1831) „Беатриче ди Тенда“ (1833) и „Пуританци“ (1835). Во една пригода тој изјавил: „Операта мора да те натера да липаш и да сакаш да умреш“. Можеби умирачката е претерана, но музиката во неговите опери е за плачење, блика од чувства, таа е вистински одраз на душата на композиторот. Белини бил нежно битие, романтична душа и голем меланхолик. Во неговото творештво трагедијата е високо вреднувана. Тагата е сеприсутна во целиот негов опус. Но ако подлабоко се анализираат женските ликови во неговите опери, ќе се види дека тој не запаѓал во непотребна патетика и мелодраматичност. Неговиот протофеминистички пристап во отсликувањето на жената отворил ново поглавје во историјата, не само на музиката.

Емотивната тежина на неговото творештво секогаш ја носат неговите хероини и тие секогаш се угнетувани од брутални, слаби или емотивно нестабилни мажи. Имогене во „Пират“ бега во лудило кога нејзиниот сопруг и неговата поранешна љубовница ја обвинуваат за сексуално предавство. Норма, друидската свештеничка и политичка водачка живее во самонаметнат личен пекол поради врската со еден непријателски капетан. Беатриче ди Тенда успева да го задржи сопствениот интегритет во вителот од семејно насилство и тиранија. Дури и во „Месечарка“, единствената опера на Белини што не е трагедија, Амина е оптужена за неверство кога, месечарејќи, во ноќта пред венчавката, влегува во собата на човек што не е нејзиниот свршеник.
Белини сигурно не ни помислувал дека и денес, 185 години по неговата смрт, многу жени двојнички на неговите хероини ќе бидат осудени и стигматизирани.

Лада Шоптрајанова Петровска