Во книгата „Тајната на белградската Мадона – тестамент на убавината на Леонардо да Винчи“ на Веселин Церовиќ е раскажана епизода во која случајно во дом на една белграѓанка е пронајден барелјеф под кој можеби се крие дело на генијалниот Леонардо

Чистејќи го барелјефот со ликот на „Дамата во бидермаер-рамка“, Веселин Церовиќ, адвокат и автор на книгата „Тајната на белградската Мадона – тестамент на убавината на Леонардо да Винчи“, открил иницијали што би можеле да укажуваат на авторство на големиот уметник Леонардо да Винчи. Интригантната книга е од 2020 година, а е во издание на „Службен гласник“. Авторот им раскажал на медиумите дека во почетокот на 1971 година во Белград, во салон на една стара белградска дама, открил барелјеф, кој нејзиниот животен сопатник, српски дипломат, го донел во 1920-тите години од Рим. Восхитен од убавината на делото што му го покажала госпоѓата Ана, на лицето и опачината на релјефот не можел да воочи ниеден знак, ниту една буква што би укажувала кој е авторот на ова дело. Профилот на дамата се наоѓал во барокна рамка и сѐ било мистериозно.
– Мадона со полузатворени очи и загадочен поглед, кој вечно се памети, зрачеше со посебен мир во салонот во кој беше поставена. На нејзиното торзо ѕвездите го пронашле своето небо и создадена е вистинска хармонија. Устата ѝ беше благо отворена, а на убавите усни трепереа последните неизговорени зборови на таинствената дама. Бујната коса со кадрици се спушташе низ нејзиното лице – вака ја опишал авторот на книгата Церовиќ првата средба со ова дело.

При повторната средба со Мадона, писателот, како што раскажал во разговорот за српскиот весник „Политика“, забележал дека барелјефот е покриен со боја од бронза, која веројатно ќе открие многу тајни. Госпоѓата му дозволила да ја исчисти бојата од лицето на Мадона, а Церовиќ бил восхитен.
– Кога почнав да ја чистам бојата од лицето на Мадона, помислив дека ова е моја средба со Бог, а не со авторот што го барам. На врвот на челото се наоѓаше блед и нејасен профил на млад човек со долга коса и брада. Претпазливо ја отстранував бојата и најпрво помислив дека тоа е Исус Христос. Под лупа подобро се гледаа цртите на лицето и профилот што потсетуваше на богочовекот. Го забележав и ореолот на светец. Чистејќи го тој дел, ги открив врежани 1491 година и иницијалите Л.В., кои се наоѓаа покрај малиот профил. Тоа беа добро познатите иницијали на Леонардо да Винчи, а портретот беше исто така негов, на помлада возраст – рекол Веселин Церовиќ и се запрашал дали е на прагот на големо откритие.
Во договор со сопственичката на тоа дело, контактирал со академикот Дејан Медаковиќ, историчар на уметност и некогашен кустос во Музејот на кнез Павле, кој се согласил да го погледне уметничкото дело, со скриените иницијали и малиот портрет до нив. Откако го погледнал, потврдил дека станува збор за дело создадено во ренесансата и дека извајаната дворска благородничка послужила како модел за Света Сесилија. Исто така потврдил дека Леонардо де Винчи на своите дела ги оставал иницијалите Л.В. и Л и дека на малиот профил воочил дека тоа е генијалниот уметник од младите денови. Ја забележал и грчката буква Л на профилот на дамата, заедно со неколку алхемиски симболи. Предложил да се изврши комплексна анализа на ова, според негово мислење, мистериозно дело.

Медаковиќ истакнал дека таква анализа за вакво уметничко дело може да направат само италијански стручни лица за ренесансното вајарство. Тој смета дека би требало да се изврши хемиска анализа на лакот што може да се забележи на лицето на дамата, со кој авторот го премачкал делото за да го заштити.
Големите познавачи на творештвото на Да Винчи, според мислењето на академикот Медаковиќ, би требало да ја споредат убавината на извајаната дама со другите дела на Мадона со негов потпис, кои се зачувани во светските музеи. Ја апострофирал убавината на лицето, усните, линијата на челото, контурите на носот и длабочината и убавината на загадочниот поглед на извајаната Мадона.
Анализата на ова уметничко дело и неговата авторизација засега се одложени, затоа што сопственикот не располага во моментот со толку големи финансиски средства за ваква стручна експертиза. За да не се загуби трагата на откриеното дело, Веселин Церовиќ одлучил врз основа на зачуваните записи на дипломатот што го купил делото од Италија да разговара со госпоѓата Ана, а да ги наведе и мислењата на академик Медаковиќ и да ја напише споменатата интересна книга, во која го објави откритието и ги изнесе своите претпоставки дека верува оти ги открил кодовите на Да Винчи на лицето на мистериозната Мадона. Во својата книга тој изнесува и детали поради кои претпоставува дека ги открил скриените симболи на Леонардо и неговите иницијали на лицето на убавата благородничка, извајана како Света Сесилија, која живеела во Стариот Рим, во времето на Исус Христос и била негов следбеник. Доколку овие претпоставки ги потврдат големите познавачи на ренесансното вајарство, се смета дека тоа ќе биде сензационално откритие.

Инаку, Веселин Церовиќ е познат белградски адвокат, кој со години го истражува делото на Леонардо да Винчи, а пред сѐ неговиот живот.
Уште како студент на Правниот факултет тој почнал да се интересира за генијалните идеи на славниот сликар, обидувајќи се да открие која била неговата инспирација. Подоцна го привлекле неговите мистерии, а поборник е и на идејата дека Да Винчи бил чувар на најголемите тајни на човештвото и оти многу од нив оставил скриени на своите платна, како и на своите портрети.