Балетот во два чина „Ана Каренина“ со одбрана музика од рускиот великан Петар Илич Чајковски ќе се изведува на сцената на Македонската опера и балет на 8 февруари 2019, со почеток во 20.00 часот.

-Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичка, но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, на сцената на Македонската опера и балет ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој-велат од МОБ.

Во повеќе од два часа, балетските уметници на МОБ, на чело со впечатливиот, емотивниот до исцрпување танц и инспиративните движења на Мими Поп Алексова-Атанасовска како Ана Каренина, Бобан Ковачевски како Вронски, Васил Чичијашвили од Грузија како гроф Каренин ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка…