Природа, мал збор, но во себе крие големо богатство. Исчезнувањето на само еден вид најобична пеперутка, не е исто со губењето на прекрасниот филигрантски брош, подарок од минатиот роденден. Ќе дојде следен роденден, и иста таква сина пеперутка ќе ти подарат мама и тато. Бргу ќе заборавиш дека некогаш претходно си имала уште една. Но, можат ли мама и тато да ти подарат обична пеперутка што летала околу розите во нашиот двор кога тие биле деца?

Се пријавувам да зборувам во име на сите генерации што доаѓаат. Се пријавувам да зборувам и во името на безброј животни и растенија кои изумираат на нашата планета. Тука сум да зборувам за вистината. За неколку години, ќе се плашам да излезам на сонце поради озонските дупки. Се плашам дека маскиве ќе си ги носиме и по заминувањето на вирусов. Се прашувам дали ќе смеам да си ги брцнам нозеве во реките и езерата? Се плашам дека наместо мокри, ќе бидат црвени и иритирани. Ех, кога рибите би можеле да зборуваат.

Сега кога гледам големи стада со животни, прашуми со птици, се прашувам: Дали тие ќе постојат и моите деца ќе иимаат шанса да ги видат?

Чувајте ја природата. Ако ништо друго, одгледувајте цвеќе, барем во неколку саксии. И тоа е доволно. И тоа е нешто, нешто што ќе те направи човек, човек кој мисли за подобра иднина.  Најголемата добрина што може да ѝ се направи на една земја, не е да се градат големи згради, туку да се образоваат млади и добри луѓе кои ќе можат да најдат начин и средства за заштита на животната средина.  Според мене, природата е богатство. Колку повеќе се заштитува природното богатство, толку повеќе си богат. Богат си онолку колку што имаш во природата, а не во џебот. Може да се изгуби брошот, но не и пеперутката. Бадијала се тие кули, згради и булевари кога реката под Камен мост децата не знаат со која боја да ја обојат.

Во светот сè уште има многу убави места. Едно такво е мојот двор, мојот град, мојата земја. Имаме многу богатства и треба да ги заштитуваме. Најскапо е тоа што нема цена. Затоа дејствувајте! Не е сè изгубено.

Автор: Николина Најдоска, II година од СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје