Третата книга од едицијата „Трагачи по парадокси“ на нашиот најплоден и најпознат афористичар, Миле Ѓорѓијоски, својата балканска промоција ќе ја има на 23 декември, во салонот од Здружението на писатели на Србија во Белград. Во оваа книга на 385 страници се застапени над 1.800 афоризми од 61 автор од 19 европски земји. Покрај авторите што беа застапени во првите две книги од овој циклус, во третата книга се вклучени и афористичари од Австрија, Германија, Чешка, Италија, Шпанија, Финска и други. На белградската промоција за овој колективен труд ќе зборуваат познатите српски афористичари од светски глас Слободан Симиќ, претседател на БАК, Витомир Теофиловиќ, Александар Чотриќ и Миле Ѓорѓијоски, селектор и идеен творец на оваа едиција. Во текот на истиот ден во Центарот за издавачка дејност во Белград ќе се одржи и 29-от Новогодишен сатирикон, на кој ќе учествуваат автори и хумористи од повеќе земји од регионот, помеѓу нив и Ѓорѓијоски.