Деновиве унгарската амбасада организираше посета на Скупи за сопругите на некои од амбасадорите акредитирани во Македонија

Археолошките локалитети и археолозите што работат таму, впрочем како и другите места и дејности во земјава, лани и годинава стекнаа свои искуства со одразот на пандемијата на ковид-19 врз нивното функционирање. На почетокот на април и мај, со зголемувањето на температурите, овие места на отворено пред пандемијата вообичаено стануваа сѐ попривлечни за домашните и странските посетители, но во „новото нормално“ не е така. Во оваа пригода пренесуваме некои од искуствата на археолозите и раководните луѓе од археолошките локалитети Хераклеја, Скупи и Стоби, но и нивните најави што е плaнирано да се работи таму годинава.
– Ова е првпат да се соочиме со ваква ситуација на Хераклеја. Успешниот долгогодишен напор за зголемување на бројот на посетители, сега како да удри во ѕид.Тука мислам дека се соочивме со недостиг од попрецизни протоколи за посета на археолошките локалитети, односно посета на отворен простор. Ги нема оние големи групи на странски посетители, како и организираните ученички посети. Сега посетите вообичаено се од помали групи (најчесто семејни). Водичката служба редовно работи и секој посетител е вообичаено пречекан. Задржувањето на локалитетот е вообичаено околу еден час, а често и повеќе, а однесувањето и на посетителите како и на вработените е во согласност со препораките (носење маска, користење дезинфекциски средства, физичка дистанца), рече археологот, кустос-советник Енгин Насух од Заводот и музеј – Битола.

Археолозите од Музејот на градот Скопје, кустос-советничките Ленче Јованова и Марина Ончевска Тодоровска, истакнаа дека очекувано и сосема нормално е дека музеите и археолошките локалитети, меѓу кои и Скупи, не се заобиколени од кризата предизвикана од пандемијата, која се одрази на сите сфери на живеењето.
– Мерките и препораките за заштита од ковид-19 предизвикаа промени во начинот на организација и извршување на редовната работа, како и во непосредната реализација на систематските археолошки истражувања на Скупи. Лани во рамките на годишната програма на Министерството за култура беа одобрени финансиски средства за тековно одржување на археолошкиот локалитет и за проекти за систематски археолошки истражувања на градската територија: комплекс Римска терма и ранохристијанска базилика со атриум и комплекс Градска вила и ранохристијанска базилика со крстилница – рекоа Марина Ончевска Тодоровска, која раководи со првиот, и Ленче Јованова, која раководи со вториот посочен проект.
Град Скопје лани поддржал проект за тековно одржување и партерно уредување, односно за расчистување и површинско рамнење на локалитетот од отпад и стари земјени наслаги, како и за уредување и соодветно сместување на повеќе од 200 камени споменици во отворените лапидариуми на локалитетот.
– Реализацијата на овој проект значително придонесе за подобрување на хигиено-техничките, работните и естетските услови на локалитетот Скупи, поради што очекуваме дека позитивно ќе се рефлектира на зголемување на бројот на посетители и на негова туристичка популаризација во наредниот период.

Бидејќи лани, од март до јуни, музеите и археолошките локалитети беа целосно затворени за работа и посети, реализацијата на проектите беше поместена за последната четвртина од годината (септември-декември), што се одрази на предвиденото темпо, начинот и условите на работа. Пандемијата предизвика значително намален интерес на надворешните стручни соработници и физички работници за учество при непосредното изведување на теренските археолошки ископувања, особено поради неопходноста од користење јавен превоз за доаѓање на локалитетот Скупи – рекоа археолозите кустос-советнички, нагласувајќи дека сите проекти поврзани со овој локалитет финансирани од Министерството за култура и Град Скопје биле успешно и навремено реализирани, што пред сѐ се должи на можноста за нивна изведба на отворен простор.
И на овој локалитет, и покрај примената на препорачаните мерки за заштита, лани драстично бил намален бројот на посетителите, особено на домашните, а пред сѐ организираните посети на ученици од основните и средните училишта, поради неработењето на училиштата.
– Имаше само индивидуални или семејни посети, но и нивниот број беше значително помал во однос на претходните години, како и времето на задржување. Забележано е намалување на интересот и бројот на странски посетители, како одраз на затвореноста на границите и намалениот број туристи во земјава. Но, сепак, забележан е интерес на одреден број странски посетители, кои службениот престој во Македонија и Скопје го користеа за посета и разгледување на Скупи. При туристичките посети и разгледувањето на локалитетот се внимава на спроведувањето на пропишаните мерки за заштита, а контактот со стручната екипа што работи тука е сведен на минимум. Дека интересот за Скупи не е намален покажува посетата што беше организирана деновиве од страна на унгарската амбасада за сопругите на некои од амбасадорите акредитирани во Македонија – рекоа меѓу другото Ленче Јованова и Марина Ончевска Тодоровска.

Состојбата со посетеноста е слична и на локалитетот Стоби. Директорот на истоимената национална установа, Спасе Перовски, нагласува дека како резултат на пандемијата се соочиле со значителен намален број на посетители, и тоа особено на странци и поголеми организирани групи од страна на туроператорите со кои имаат повеќегодишна соработка. Домашните посетители биле малобројни и нивното доаѓање било со задолжителна претходна резервација и со почитување на мерките и препораките за заштита и превенција од коронавирусот. Лани вкупно петнаесет проекти на НУ „Стоби“ биле прифатени од страна на Министерството за култура, во рамките на годишната програма за остварување на националниот интерес во културата во 2020 година. Од нив, четири проекти се одложени поради пандемијата од страна на самата установа, а два од страна на Министерството за култура. Меѓу одложените поради истите причини (за заштита на вработените во НУ „Стоби“, нејзините партнери и посетителите на локалитетот) се и традиционалните меѓународни летни школи.
– Преостанатите планирани проекти поради пандемијата почнаа со мало задоцнување од три месеци, но и покрај тоа беа реализирани во целост. Оваа установа ниту во време на кризата поради вирусот не престана со активности за популаризација и презентација на нашето културно наследство – истакна Перовски, а од ланските реализирани проекти како специфичен и важен го издвои проектот „Откривање на римскиот град Стоби – виртуелно искуство“, кој, како што рече, го вброил Стоби на листата на современите историско-археолошки паркови низ Европа.

Спасе Перовски нагласи дека со оваа апликација, години и страници научноистражувачка работа се преточени во креативна дигитална алатка за презентација на автентичната историска реалност пред публиката од сите возрасти. На програмата на НУ „Стоби“ за годинава се 17 проекти, од кои 11 директно се однесуваат на истражување и заштита на движното и недвижното културно наследство, три проекти се од областа на музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство, еден проект е од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, еден проект од областа на инвестициското и тековното оддржување на објектите и опремата во државна сопственост од областа на културата и еден проект е од областа на меѓународната дејност. Тие ќе бидат финансирани од Министерството за култура, во рамките на годишната програма.
На локалитетот Хераклеја, пак, сите планирани проекти за минатата година биле реализирани навреме: археолошките истражувања на Базилика Е, конзерваторските зафати на мозаичните површини, а како специфичен и важен за овој период, Енгин Насух го издвои проектот „Смарт – кул-тур“ („Smart – cul –tour“), во рамките на инструментот за претпристапна помош ИПА 2, со што е унапредена туристичката инфраструктура на локалитетот (со пристапни патеки, рампи и лифт за лица со попреченост, партерно уредување, осветлување итн.). За годинава е планирано да продолжат археолошките истражувања на Базилика Е, а исто така и конзерваторските зафати на дел од мозаичните површини на локалитетот во рамките на годишната програма на Министерството за култура. За оваа и следната година се планирани поголеми конзерваторски зафати на архитектурата и мозаичните површини.

– Ланските истражувања на Скупи беа дел од систематски планираните истражувања на градската територија на локалитетот. Тука особено сакаме да го истакнеме ископувањето на Римската терма од раноцарскиот период, што претставува предизвик за целата археолошката наука, бидејќи во прашање е термален комплекс од империјален тип, кој е најголем во Република Македонија. Истражувачките работи на комплексот Римска вила и ранохристијанска базилика со крстилница главно беа насочени кон откривање на слоевите од доцноантичкиот хоризонт, поточно од неговата завршна и т.н. постурбана фаза (доцниот IV/почетокот на V век сѐ до крајот на VI век/ почетокот на VII век). Во рамките на овој хоризонт се откриени остатоци од поголем доцноантички микростанбен комплекс, кој зафаќал голем дел од просторот над југоисточниот дел од Градска вила (Villa urbana) – рекоа Ленче Јованова и Марина Ончевска Тодоровска.
Тие очекуваат годинава да продолжат истражувањата на комплексот Римска терма и ранохристијанска базилика со атриум, што треба да овозможи континуирано откривање на тие два големи објекти сместени во централното градско јадро на градот Скупи. Се очекува и да се доистражува комплексната културна стратиграфија на просторот опфатен со комплексот Градска вила и ранохристијанска базилика со крстилница, кој го зафаќа градскиот кварт северно од улицата Декуманус максимус, односно источно од улицата Кардо максимус. Акцентот ќе биде ставен на откривање на архитектонските структури од постарите култури хоризонти, пред сѐ на тие од империјалниот период.