Голем број музеи ја издигаат свеста дека лицата со попреченост се еднакви и преземаат чекори да бидат инклузивни и достапни за сите, овозможувајќи сензорно искуство

Археолошкиот музеј на Македонија почна да објавува едукативни видеа со аудионарација и знаковен јазик за изложените експонати и на фејсбук-мрежата, а тие во овие денови на препорачано седење дома ќе им овозможат на граѓаните виртуелна прошетка по богатството што тој го поседува. Видеата се поставени и на музејската веб-страница и на јутјуб-каналот, за секој од предметите да биде достапен и за посетителите со различни попречености. Пристапот до нив е овозможен и со кјуар-кодови, кои се поставени покрај предметите, а во текот на проектот е контактирано со повеќе асоцијации на лица со попреченост и консултанти од Балканот. Деновиве е претставена керамичката икона „Давидов псалм“ (Псалм 42), датирана од 5-6 век, која потекнува од познатиот археолошки локалитет Кале во Виница. Всушност, станува збор за имплементација на проект поддржан од Балканската музејска мрежа, со наслов „Пристапен музеј“.
– Во рамките на овој проект се снимени аудионарации за експонати како и видеа на знаковен јазик, во соработка со голем број професионалци. Видеата се само еден дел од првиот реализиран проектен чекор преку кои ќе комуницираме со јавноста во оваа вонредна состојба. По стабилизирањето на моменталната ситуација, ќе имаме соодветна промоција за преостанатиот реализиран дел од првиот чекор за кој моментално не сакаме да откриеме детали – информира Ива Лабан од истиот музеј, задолжена за односи со јавноста.
Според неа, видеата ќе бидат постепено објавувани, а во овој период ќе бидат презентирани експонати од средновековната археологија и османлискиот период, епиграфика и камена пластика, младото камено време и доцната антика. Планирано е да следуваат видеа и од други периоди.

Проектниот тим, покрај раководителката Ирена Ружин и Ива Лабан, која е и негова координаторка, го сочинуваат и Татјана Мијатовиќ, Јове Парговски, Тесалија Жирова, Катерина Шарковска, Силвана Петрова Насух, „Студио Гимел“ и Горан Кочов. Автори на текстовите со описи за предметите од Археолошкиот музеј се: директорката Славица Бабамова, Мила Шурбаноска, кустос-советничка за доцна антика, Марјан Јагликовски, кустос за османлискиот период, Љубинка Џидрова, кустос-советничка за средновековната археологија, и Елена Стојанова Канзурова, кустос-советничка за неолитот.
– Овој проект е значаен чекор на зголемување на пристапноста во Археолошкиот музеј, а произлезе како резултат од препораките од направената „Анализа на пристапност“ на музејот, која ја изработивме заедно со Милена Милошевиќ Мициќ, претставничка од Србија во групата за пристапност на музеи, формирана од страна на Балканската музејска мрежа, двете обучени од британски експерти во текот на претходните три години. Археолошкиот музеј е петти музеј во регионот што пројави интерес и доби можност да има таква анализа и мал грант за имплементација на овој проект, со голема поддршка од раководителите и со учество на колегите од оваа институција. Овој стручен пристап и концепт првпат беа имплементирани пред речиси две години во Заводот и музеј Битола. Неколкуте реализирани проекти предизвикаа голема заинтересираност и покажа големи ефекти кај лицата со попреченост, во насока на интерпретација, промоција на културното наследство – изјави Ирена Ружин, програмска раководителка на Заводот и музеј Битола, која е и членка на Балканската група за пристапност на музеите.
Голем број музеи ја издигаат свеста дека лицата со попреченост се еднакви и преземаат чекори да бидат инклузивни и достапни за сите, овозможувајќи сензорно искуство.

– Во овие проекти, од голема важност е да бидат ангажирани обучени експерти од оваа област, но и да се консултира со здруженијата на лица со попреченост, како и со училиштата за децата со попреченост. Препораката до сите музеи е да се биде внимателен при подготвувањето на изложбите и поставките и да се имплементира универзален дизајн, како и да се избегнат евентуални пречки. Малку е потешко на веќе постојни поставки и музеи да им се подобрува пристапноста, а кај новите музеи во светот се покажа дека уште во почетокот, кога се прави проект за отворање музеј, нова поставка, мора да се применат сите стандарди како за физичка пристапност така и за сензорно искуство – изјави Ружин.
Всушност, потсети таа, правото на културата и активното учество во општествениот и културен живот е човеково право, посочувајќи на Универзалната декларација за човекови права на ОН, од Париз, 1948 година.


Виртуелна посета на изложбата „100 години Требениште”

Археолошкиот музеј на Македонија овозможи виртуелна посета на, како што ја нарече, најексклузивната интернационална изложба на овие простори, „100 години Требениште“, истакнувајќи дека тоа е совршена идеја во овие денови кога сите сме во домашна изолација.
– Уживајте во мистиката и убавината на наодите од оваа позната некропола – порачуваат од музејот.
Изложбата „100 години Требениште“, која во Скопје беше презентирана лани, минатиот месец беше претставена на Меѓународниот саем на туризмот во Белград, а во Народниот музеј во истиот град, според најавите, ќе биде и отворена годинава. Потоа треба да ја види и публиката во Софија.