Фестивалот се отвора утревечер, во 19 часот, со изложбата на фотографии на Ѕвонко Плавевски, со наслов „Скопје стрит лајф“, и на илустрации на Владимир Лукаш. Потоа ќе биде промовиран романот „Пропаст“ од Владимир Зарев (Бугарија)

Третото издание на интермедијалниот фестивал „Арт ареа“, во организација на издавачката куќа „Бегемот“, ќе се одржува од утре до 26 јануари во „Кино култура“. Целата на настанот е воспоставување жива платформа за поврзување и дијалог меѓу авторите во различните културни домени и тенденции, спојувајќи ги во богата културна програма за време на три фестивалски дена.

– Истовремено, програмата сака да овозможи средба и спојување на сегментираната публика што ја генерираат доста атомизираните области на културата. Во таа смисла, фестивалската заложба е да се збогати, но и да се преиспита значењето на современите културни практики. Со ова, проектот како свои клучни приоритети ги поставува културната интегративност и творечката интермедијалност, кои се покажуваат како нужни предуслови за развивање новаторска, богата и добро вмрежена култура – велат организаторите на фестивалот, кој е поддржан од градот Скопје.

Фестивалот се отвора утревечер, во 19 часот, со изложбата на фотографии на Ѕвонко Плавевски, со наслов „Скопје стрит лајф“, и на илустрации на Владимир Лукаш. Потоа ќе биде промовиран романот „Пропаст“ од Владимир Зарев (Бугарија), издание на „Или-или“. Овој роман на современиот бугарски писател Владимир Зарев, во Бугарија доживеа 12 изданија. Романите му се преведувани на многу светски јазици, а романот „Пропаст“ стана бестселер во Германија и во САД. По романот е снимен филмот „Времето е наше“. Промоторка на книгата е Оливера Ќорвезироска. Во 22 часот, џез-концерт ќе одржи „Шамба трио“. В сабота, од 19 часот, е закажана кинопроекцијата на „Кружното патување со Жарко Иванов“, во режија и сценарио на Жарко Иванов и Александар Прокопиев. Следува „Славко од нашата улица“, видеоесеј на Наум Пановски, во рамките на манифестацијата „Година на Славко Јаневски“, па дискусија на тема „Правда за кратката проза“ (Ѓорѓи Крстевски, Виолета Бојковска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски), чиј модератор е Иван Шопов, и концерт на ВИС и тркалезна маса (поетско-музички перформанс).

Фестивалот продолжува и в недела, со креативна работилница за деца „Добре дојдовте во Страшкоград“ сo Билјана Црвенковска и Нита Муча, од 19 часот, а од 20.30 часот „Театар на сенки“ ќе ги изведе „Заробената љубов“ и „Марко патува околу светот“.


Промоција на „Девет приказни за госпоѓица Сит“

Промоција на романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана С. Црвенковска ќе се одржи утревечер, во 20.30 часот, во „Кино култура“, во рамките на фестивалот „Арт ареа 3“. Промоторки се Калина Малеска и Фросина Пармаковска. Ова е прв роман на Црвенковска (не сметајќи ги романите за деца), кој жанровски може да се определи како магичен реализам. Станува збор за женски приказни, длабоки и потресни, понекогаш љубовни, тивки или гласни, нежни или моќни… Илустрацијата и дизајнот на корицата е на Зоран Кардула.