Прекрасно обликувано издание на арапски јазик на збирката раскази „Човечулец – бајки од левиот џеб“ на македонскиот писател Александар Прокопиев деновиве излезе кај египетскиот издавач „Ал Араби паблишинг“ со седиште во Каиро. Станува збор за реномирана издавачка куќа што е основана уште во 1975 година и има развиена издавачка дејност со преводи од многу јазици.

Ова издание на книгата на Прокопиев за малиот човек и големите вредности е симпатично илустрирано со цртежи по мотиви на приказните од збирката. Интересно е што како и сите арапски книги, и оваа се чита наопаку, практично задната корица е насловна на книгата.

Писателот, есеист и литературен критичар Александар Прокопиев во 2011 година беше лауреат на меѓународната книжевна награда „Балканика“ токму за оваа книга, по што се појавија голем број преводи низ светот. „Човечулец“ e оригинално видување на светски познатите бајки како инспиративен уметнички жанр, богат со вистини за животот, за љубовта и страста за пишување, за човечката отуѓеност и површност, но и за молкот на интелектуалците… „Човечулец“ го сочинуваат 16 уметнички бајки за возрасни, кои ги актуализираат важните, универзални вредности.

Досега книгата е преведена, во издание на реномирани издавачки куќи, на англиски, полски, турски, хрватски, српски и италијански јазик и проследена со убави рецензии и одгласи кај читателите. Инаку, „Човечулец“ има три изданија во Македонија. Претходната книга, краткиот роман „Ѕиркачот“, доживеа две изданија.