Апелот е дел од меѓународната кампања „Плати го уметникот“, која кон крајот на април ја поведе Меѓународното здружение на визуелните уметници (ИАА) на светско ниво

Група сочинета од водечките професионални здруженија на ликовните и применетите уметници во Хрватска, објави препорака да се воведе авторски хонорар за уметниците за нивното изложување во музеите и галериите. За разлика од другите уметнички дисциплини, во хрватските музеи и галерии преовладува практиката да не им се исплатуваат авторски хонорари на уметниците за изложување на нивните дела, стои во соопштението што го потпишуваат Хрватското друштво на ликовните уметници, Хрватската задруга на применетите уметности, Хрватското дизајнерско друштво, Здружението на хрватските архитекти, како здруженијата од Сплит, Истра, Риека, и Хрватската секција на Меѓународното здружение на ликовни критичари.

Фактот дека плаќањето надомест за уметниците се занемарува е „одраз на претпоставката дека ликовните уметници заработуваат од продажбата на своите дела, што веќе долго време не важи за повеќето установи“, наведуваат здруженијата. Чест аргумент е дека промоцијата е доволен надомест за авторскиот труд, стручност и трошоци, што е несоодветно во рамките на речиси непостојниот пазар на уметнички дела, недоволното и неадекватно јавно кофинансирање на продукцијата на уметничката работа, откуп за музеите и збирките, стипендии и сл.

– Целиот систем сѐ уште почива на слабата надеж дека со уметничкото етаблирање во иднина ќе дојде и поголема пазарна вредност на уметничките дела, но кај многу уметници тоа не е случај, иако токму нивните дела се главната причина зошто повеќето луѓе воопшто се одлучуваат да посетат некој музеј или галерија – се вели во соопштението.

Апелот е дел од меѓународната кампања „Плати го уметникот“, која кон крајот на април ја поведе Меѓународното здружение на визуелните уметници (ИАА) на светско ниво.

– Оваа кампања е повик на здружување со намера решавање на главниот проблем со кој се соочуваат ликовните уметници, а тоа е најнискиот и сѐ помал приход од уметничката работа. Плаќањето на уметниците за нивната работа е во интерес на уметничките институции бидејќи на таков начин нивниот однос со уметниците ќе добие поздрави и попрофесионални темели, додека уметникот ќе има подобри услови за квалитетни изложби, при што за својата работа ќе биде платен како и сите други автори на изложбата (кустос, дизајнер, преведувач, уредник на каталог и сл.) – се истакнува во соопштението со кое се апелира и изложбените простори во својот буџет да ја вклучат и ставката – авторски хонорар за уметникот.

Крајната цел би било воведување законска обврска за плаќање на хонорарот.
Ретки земји, региони или градови имаат одредена регулатива со која е решено прашањето за исплата на надомест на ликовните уметници за јавно изложување на нивните дела во галериите и музеите. Сите уметници што изложуваат во Берлин, на пример, од минатата година добиваат 1.500 евра за самостојна изложба, 500 евра за помала групна изложба, а 250 за поголема групна изложба, додека Министерството за култура на Финска кофинансира 80 отсто од надоместот за изложување на уметниците во државните музеи.

Уметникот Станко Павлески коментира дека Министерството за култура на Македонија во претходниот состав иницирало изработка на критериуми за авторски хонорари на уметниците за реализација на изложба, а тој дури и учествувал во еден неформален состав, но како што вели „веројатно пресметките покажале преголеми одлевања на средства, па во тој момент на тоа и останало“.

– Колку што се сеќавам, за изложба на етаблиран уметник, предвидовме авторски хонорар од 1.000 евра. За волја на вистината и од поодамна во Македонија имало отворање на прашањето за авторски хонорари на ликовните уметници, а знам од постарите колеги за иницијативи на еснафот за неизложување додека не се регулира логичното прашање за хонорирање на авторите, но барем јас не знам дека властите сериозно пристапиле кон решавање – коментира Павлески на објава на Фејсбук.
Тој смета дека уметниците треба да се изборат за тоа, но и системот треба да знае дека ликовните уметници се на маргините во него.

Историчарката на уметноста Соња Абаџиева, исто така вели дека го иницирала ова фундаментално прашање за визуелните уметности во Македонија, но дека ниеден министер за култура досега не го ставил на маса.