На 26 јули, на 55-годишнината од скопскиот земјотрес, ќе биде промовирана поетската антологија „Ден судбоносен – 26 јули 1963“ приредена од новинарите и публицисти Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и писателот и универзитетски професор Васил Тоциновски. Антологијата содржи 182 песни на деведесетина поети од речиси сите страни на светот, кои преку нив ги искажуваат својата болка и тага за катастрофата на Скопје и надежта дека градот повторно како феникс ќе се крене од пепелта и од урнатините.

Меѓу македонските поети застапени се: Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Лазо Каровски, Љупчо Стојменски, Томе Арсовски, Евгенија Шуплинова… па до најновата генерација македонски поети, од кои некои своите песни ги напишале специјално за оваа антологија. Од поетите од странство, меѓу другите, застапени се: Јеврем Брковиќ, Јуре Каштелан, Славко Михалиќ, Кристине Буста, Иван В. Лалиќ, Јон Хореа…