Рецензија

(Александар Прокопиев: „222 антиупатства за лична употреба“, „АвантПрес“, 2019, Скопје)

Како и секое исклучително книжевно дело, „Антиупатствата за лична употреба“ на Александар Прокопиев тешко може да се опишат накратко, но затоа е многу лесно „надолго и нашироко“ да се препорачуваат како врвен деликатес за секој читател, а особено за онаа сè почеста категорија читатели што се љубопитни за книжевните експерименти, жанровските игри, пресвртувањето на конвенциите и кои трагаат по дела што ќе ги надминат нивните очекувања. За таквиот љубопитен читател, антиупатствата на Прокопиев се неизбежно четиво.

Веројатно не постои вистински начин за најдобро да се препорача оваа книга, ниту да се напише издржана рецензија за неа (освен, можеби, во вид на хаику), но ако сепак се зафатиме со обид некако да ја опишеме оваа разнолика, повеќеслојна и комплексна книга, веројатно треба да тргнеме од фактот дека Антиупатствата за лична употреба, всушност, се книжевен проект што излегува од вообичаените рамки на книжевно дело што се објавува во едно издание и, евентуално, ако има среќа, доживува едно или повеќе следни (ре)изданија. Имено, антиупатствата се дело што се проширува и се збогатува онака како што се проширува био-библиографијата на авторот. Во таа смисла, антиупатствата се, веројатно, интимна и фрагментарна автобиографија на Прокопиев, која со текот на годините се дополнува и проширува. Гледано од стојалиштето на книжевната наука, ова е мошне специфичен феномен, бидејќи имаме случај во кој историскиот „живот“ на книгата одговара на нејзината структура и начинот на кој е „направена“ – имено, антиупатствата се книга што се мултиплицира и навнатре и нанадвор. Надворешното мултиплицирање (под кое не мислам само на формалното зголемување на бројот на текстовите) веќе е спомнато погоре како своевидна паралела на био-библиографскиот развој на авторот, додека внатрешното мултиплицирање се однесува (помалку) и на самата жанровска разноликост на книгата и (многу повеќе) на начинот на кој одделните текстови се преплетуваат, се поврзуваат меѓу себе, се дополнуваат. Така, хронолошки „постарите“ антиупатства на Прокопиев одекнуваат низ оние „поновите“, но исклучително интересно е тоа што важи и многу понеобичниот, обратен процес – „поновите“ антиупатства можете да ги препознаете како одек или како навестување во „постарите“. На тој начин „222 антиупатства за лична употреба“, таа навидум крајно некохерентна книга на собрани записи, скици, раскази, песни, хаику, афоризми, есеи, досетки, сеќавања… всушност е мошне кохерентен текст, и тоа не само во тематскиот и содржинскиот сегмент, туку и на сите нивоа од кои се состои една книга.

Во една од своите книги посветени на мистицизмот, Гершом Шолем ја пренесува следнава приказна: секогаш кога основачот на хасидизмот, Бал Шем, бил соочен со тешка задача, одел во шумата, палел оган и кажувал молитва; потоа проблемот ќе се решел според неговата волја. По една генерација, кога неговиот наследник се соочувал со сличен проблем, одел на истото место во шумата и велел: повеќе не знам како да го запалам таинствениот оган, но може да се молам; и сè ќе се случело според неговата волја. Откако поминала уште една генерација, третиот наследник во слични околности одел на истото место во шумата и велел: повеќе не може да запалам оган, не ја знам молитвата, но го знам местото во шумата и тоа ќе биде доволно; и навистина било доволно. Потоа се сменила уште една генерација и четвртиот наследник бил соочен со истата задача, па седнал на својот престол во замокот и рекол: повеќе не може да запалам оган, не ги знам зборовите на молитвата, не го знам местото во шумата, но можам да ја раскажам приказната за сето тоа; и повторно, ова било доволно.

Современиот италијански филозоф Џорџо Агамбен ја користи горнава приказна како алегорија за книжевноста, извлекувајќи ја следната поента: во текот на својата историја, човештвото полека се оддалечува од изворите на мистеријата и ја губи меморијата за тоа што учела традицијата (за огнот, за таинственото место во шумата, за молитвените зборови); сепак, луѓето сè уште можат да ја раскажат приказната за тоа. Значи, тоа што останува од мистеријата е приказната за неа, односно литературата. Меѓутоа, може да се оди и чекор напред и да се усложни оваа алегорија на Агамбен, па во борхесовски стил да се зборува за приказна за приказната или, пак, да се изгради теорија на приказната, или да се постави критика на приказната во облик на приказна, да се смисли мозаик или лавиринт од приказни, да се промислува сопствената биографија преку приказна… Ми се чини дека токму на овие метанивоа на литературата функционира и книгата „222 антиупатства за лична употреба“ од Александар Прокопиев. Пренесени преку смелото, ерудитно и многупати умножено јас на авторот, сите 222 антиупатства се книжевни приказни за книжевноста, поттикнати од една бескрајна фасцинација од литературата за која е малку да се нарече само љубов.

Значи, ако некако го резимираме овој несомнено невешт обид за „опис на делото“, би можеле да кажеме дека во необичниот случај на книгата „222 антиупатства за лична употреба“ од нашиот познат автор А. Прокопиев, всушност, не станува збор (само) за една фрагментарна, афористична, хибридна, експериментална, фикционално-документарна, прозно-поетска книга, неверојатно привлечна и читлива, составена толку игриво и паметно што навидум изгледа како да е напишана од прва, туку за едно недовршено и недовршливо отворено дело (со сета теориска тежина што ја носи овој поим, на пример, во смислата во која Делез го кажува истото тоа за делата на Кафка), кое е невозможно да се донапише, но е невозможно и да се дочита.

„Антиупатствата за лична употреба“ се книга што постојано се допишува и преиспишува, а во согласност со тоа, се разбира, и книга што постојано се дочитува и пречитува, книга што и авторот и читателот ја истражуваат и откриваат секогаш одново. Оттука, сосема е нормално и логично и очекувано „Антиупатствата за лична употреба“ да е и книга што се реиздава и реобјавува – и тоа секогаш е нова книга, секогаш преиспишана и секогаш отворена за препрочитување. И токму ваквиот заклучок полека нè враќа кон деликатесот спомнат на почетокот од овој текст (а за кој сега безбели е јасно дека не беше само попатно клише) и кон очекувањата на љубопитниот читател: антиупатствата се книга што со својот вкус го буди читателот во секој од нас, книга родена од вечно младешка заљубеност во книгите, книга поради која човек посакува да стане писател затоа што сфаќа дека, за да се биде писател, неопходно е да се биде читател.

Ацо Пероски