Ана Стојаноска

Комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ за 2020 година, во состав проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски, (членови), на својот последен состанок, пред да започне со финално разгледување на ракописите во конкуренција за наградата, донесе едногласна одлука: од оваа година, по потреба (не секоја година) да се доделува наградата „Антева златна книга“, која е всушност „Почесно антево перо“ за животен поетски опус.

Наградата се состои од кожена, вкоричена копија од книга песни на великанот Анте Поповски, испишани со негов ракопис. Врз основа на тоа, комисијата едногласно ја донесе одлуката првото почесно „Антево перо“, наградата „Антева златна книга“ да му се додели на истакнатиот македонски поет Михаил Ренџов.

Михаил Ренџов (1936), поет, прозаист и препејувач, веќе 55 години е дел од светлинското писмо на нашата македонска поетска реч, член на она семејство „поети на македонската светлина“ од рангот на еден Блаже Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски или Петре М. Андреевски.

Жирито, пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изрази своето задоволство од масовниот одзив за оваа награда. Пристигнаа 96 стихозбирки, со цел виножитен спектар најразлични поетики и поетски имагинации, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки: „Жив(отн)и песни на Владимир Мартиновски, „Бујрум ако смееш прочитај ја тишината“ на Емељ Туна, „Остров во окото“ на Зоран Пејковски, „Потпис: Трепетлика“ на Ана Стојаноска, „Огнот наш нестишен“ (шифра „Сребрена“), „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ на Елена Пренџова, и „Запирка“ на
Милена Ристова Михајловска.

По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие седум стихозбирки и
по завршните дискусии на членовите на жирито, Комисијата едногласно одлучи наградата „Антево перо“ за 2020 година да и ја додели на стихозбирката „Потпис: Трепетлика“ од Ана Стојаноска.

„Боли ако тргнеш да го спојуваш светот со разумот“, вели во една своја песна Ана Стојаноска, и со тој стих како да ја опишува својата поетика: таа поезија е избегнување на болката од и пред скршениот свет. Болката од неповрзаноста, скршеноста, несовршеноста на светот може да се избегне само со поезија.

Поезијата е тој амалгам кој од космосот, оштетен (никогаш не бил целосен, секогаш бил „тоталитет 99“), прави „тоталитет 100“. Ова е првокласна интелектуално-интимистичка поезија која му инјектира смисла на исцицаниот свет, особено на светот на љубовните треперења и конвулзии кај еден хомо интелектус кој, уморен од обопштувањата на поимите се враќа кон најконкретното: своите сетила и емоции. Во таа потрага по смислата во обесмислениот свет и по конкретноста на поетската перцецпија, поезијата на Стојаноска потсетува на топлото писмо на Анте Поповски; по трепетликата, „потписот“ на тој човек што трепери пред скршениот свет – на Гане Тодоровски.

Вистинска симфонија од чувства, светлински и колоритни перцепции, еден богат, женски поетски свет озвучен со најубавиот поетски идиом на нашиот македонски јазик. Тоа е поезијата на Ана Стојаноска.

Во согласност со пропозициите на Манифестацијата, комисијата, исто така, реши да додели и две награди „Антев златник“ кои ги добија Владимир Мартиновски за стихозбирката „Жив(отн)и песни“ и Зоран Пејковски за стихозбирката „Остров во окото“.

Владимир Мартиновски е наш веќе афирмиран поет кој и со оваа стихозбирка докажува дека е мајстор на зборот. Неговите вешти игри со хомофоните и со слободниот стих имаат зрела поетска филозофија зад себе: филозофијата дека во секој дел на комосот се отсликува целината, што значи – Песната. За Мартиновски целиот свет е книга, која во секој свој дел, во секое суштество крие по една песна.

Поезијата на Зоран Пејковски, можеби од сите пристигнати ракописи најмногу потсетува на темелната поетска опсесија на Анте Поповски: прапочетокот, праматеријата и прамакедониумот. Тоа е густа, архетипска поезија за Македонија како синоним за источник на писмото, меморијата и цивилизацијата. Станува збор за оформен поет кој е константа на нашата поетска реч.

Жирито ги дискутираше и трите стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел – откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик: „Брадикардија“ на Филип Дракалски, „Средбата на Вулкан и Минерва“ на Георгина Петреска, и „Фантомот и реката“, на поетесата Емануела Ковачевска Китановска. По темелно разгледување, комисијата донесе одлука наградата „Антев часовник“ за 2020 година да ја додели на стихозбирката „Средбата на Вулкан и Минерва“ на младата поетеса Георгина Петреска.

Поезијата на младата Георгина Петреска е вистинско откровение во овој наш поетски миг. Нејзината поетска душа, наспроти нејзините 17 години, изгледа како душа на некој стар поет-мудрец. Фасцинантно поетско писмо, за кое, кога го читате, а не ги знаете годините, би помислиле дека станува збор за целосно зрел поет. За што и да пишува, а пишува за сѐ (тоа е убавината на младиот поет), таа пишува густо емотивно, но и митски-архаизирано. Таа митска наслојка во нејзината поезија потсетува на многу места на поетските митеми на великанот Анте Поповски.

Комисијата од срце им благодари на сите учесници на Конкурсот за наградата „Антево перо“ и жали што не може да додели повеќе награди. Квалитетот на пристигнатите стихозбирки тоа го заслужува, но логиката на поетскиот натпревар налага сепак да се наградат одбрани меѓу одбраните.

Со оглед дека пандемијата на коронавирусот веќе подолго ги диктира правилата на однесување, деновиве ќе следи уште едно соопштение за датумот и местото на официјалното прогласување на победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2020 година и врачувањето на отпечатениот авторски примерок на наградената поетеса.