Познатиот ансамбл одржа концерт на фестивалот „Илинденски денови“, а во Битола се претставува и со две изложби

Ансамблот „Македонија“, кој веќе долги години е дел од фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, деновиве, на отворањето на неговото годинашно издание, во Битола, одржа целовечерен вокално-инструментален концерт. Привлекувајќи го вниманието на јавноста, тој учествуваше и на 12-от Семинар за традиционална музика и игра, кој се одржа онлајн во рамките на фестивалот, на тема „Обредни игри“, а во овие месеци на пандемија со свои проекти беше присутен во неколку музеи во Скопје, но и во други градови во земјава.

На семинарот беа прикажани машките обредни поворки „Бамбурци“ и „Русалии“, како и женските обредни активности за празникот Велигден од етничкиот предел Порече. Одржани се и работилници за традиционално пеење, со примери од свадбениот обреден циклус и машките обредни поворки „Кумови“, како и работилница под наслов „Редослед, облекување и украсување на женската носија од Долни Полог“. Во Битола ансамблот се претставува и со две изложби: „1.000 години Бигорски манастир“ (реализирана во соработка со истиот манастир, на која се претставени дваесет икони, фрески и плаштеница), и „Традиционалната носија на Балканот“, која е дел од неговата посебна збирка на примероци од традиционални носии од повеќе балкански држави.

– Моменталната состојба со пандемијата влијаеше до извесна мера на нашите активности, главно на целовечерните концерти што ансамблот „Македонија“ ги изведува со повеќе од 40 уметници. Тој постојано развива различни концепти за презентирање на традиционалната култура, а токму таквите проекти се покажаа особено адаптибилни на моменталната состојба. Ансамблот во своето депо поседува традиционални носии од повеќе балкански држави и за нив преку фотографии подготви изложба, која во текот на овие месеци беше поставена во центрите и домовите на културата во Гевгелија, Кавадарци, Неготино и др. Остваривме и соработка со Етнолошкиот оддел при Музејот на Македонија – велат од ансамблот, истакнувајќи дека во овој музеј во Скопје беа снимени низа видеоматеријали што ја оживуваат музејската поставка.

Во автентичниот амбиент на селската и градската куќа во Музејот на Македонија се снимени изведби на неколку ора и песни, а преку изведбата на црковната песна „Христос воскресе“, која е на репертоарот на ансамблот, е оживеана и музејската поставка на икони. На фејсбук-страницата може да се видат и впечатливи фотографии на некои од членовите во носии снимени до восочната фигура на револуционерот Ѓорче Петров, со напомена дека станува збор за традиционални носии какви што има и во неговите записи. Запрашани за какви записи станува збор и чија била идејата на ваков начин тие да се оживеат, од ансамблот истакнаа дека со него раководат и дејствуваат стручни кадри, доктори на науки и магистри во доменот на етнокореологијата и другите науки од областа на традицијата, и дека од големиот пребарана број литература поврзана со традиционалните носии, тие токму етнографските записи на Ѓорче Петров ги сметаат за впечатливи.

– Овој проект е резултат на долгогодишната соработка на нашиот ансамбл со Музејот на македонската борба. Ѓорче Петров во своите записи остава импресивни податоци за носиите од етничките предели Долни Полог, Скопска Блатија и Овче Поле, како и за носијата од градот Тетово. Ансамблот поседува идентични предмети, како оние во записите на Петров. Токму тоа беше инспирацијата на еден уметнички начин да бидат прикажани фигурата на Петров и традиционалните носии идентични на тие од записите. Оваа серија на фотографии е достапна и на нашата фејсбук-страница, за да можат сите заинтересирани во периодов на пандемија да уживаат во таа изложба – велат од ансамблот, чии постојани теренски истражувања, преку кои ги добиваат емпириските податоци за понатамошни разработувања и нивна сценска примена, во периодот на корона-кризата се сведени на минимум.

Во овој период тие требаше да го подготвуваат и реализираат својот годишен концерт, каде што би биле прикажани веќе постојните, како и повеќето премиерни изведби на сценски адаптации, но сега продолжуваат да работат на проекти приспособени на состојбата со пандемијата на коронавирусот. Веќе реализирале и големо теренско истражување во етничкиот предел Струшко Поле, а напоменуваат дека особено се посветени на издавачката дејност на стручни трудови во доменот на традиционалната култура. Во овој период, исто така, ансамблот работи на подготовка на сценаријата на повеќе видеозаписи за традиционални песни, како и на проектот „Возот никогаш не пристигна“, за кој на нивната фејсбук-страница може да се видат фотографии од локацијата каде што ќе се снима тој видеозапис.

– Станува збор за напуштена железничка станица во Свети Николе. Песната „Врба ми изникнала“ од етничкиот предел Воденско ја носи приказната на разделените брат и сестра. Железничката станица ја пренесува приказната за нивната разделба и првата средба на која не се познале еден со друг – откриваат од ансамблот.