Сѐ е дозволено на моите концерти: смеење, плачење, танцување, пеење, изјавил музичарот, кој со својот оркестар „Јохан Штраус“ годишно одржува околу 100 концерти

Светски познатиот музичар Андре Риу, познат и како современиот крал на валцерот, на 6 јуни доаѓа во Скопје, а наедно и првпат во Македонија. Тој со својот оркестар „Јохан Штраус“ ќе настапи пред публиката во арената „Борис Трајковски“, а концертот ќе биде дел од неговата годинашна светска турнеја. Организатор е „Пасворд продакшн“.

Оркестарот „Јохан Штраус“ има 60 члена и важи за прв, но и најголем приватен оркестар на светот. Со него Риу, речиси, 30 години го обиколува светот, годишно одржува околу 100 концерти исполнети со забава со светски познати, романтични мелодии, но и со голем број изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.

– Музиката и особено валцерот се многу важен дел од мојот живот. Ако некое музичко дело го допре моето срце, ќе го допре и вашето срце исто така. Оваа прекрасна музика ми дозволува да внесам радост во животот и смеа во светот. Сѐ е дозволено на моите концерти: смеење, плачење, танцување, пеење. Емоциите се тајната на мојот успех… – изјавува Риу, на што потсетува организаторот и во оваа пригода. Но за неговата популарност сведочат не само многуте настапи во живо, туку и бројот на гледачите, кои ги гледаат концертите на Интернет, на телевизија…

На светската турнеја во 2018 година Андре Риу одржа концерти, покрај другите земји, и во САД, Канада, Аргентина, Австралија и Велика Британија.

Интересен е фактот дека за да се организира патувачката маршрута и превозот на неговата огромна продукција помеѓу континентите, сите фантастични костими, инструментите и сценската конструкција постојат во четири идентични поставки. За неговата популарност сведочат 40 милиони продадени цедеа и ДВД-изданија, 30-те први места во топ-листите и 500 платинести награди.

„Њујорк тајмс“ го нарекува Андре Риу маестро на публиката, а како што укажува организаторот, неговите видеа на „Јутјуб“ надминуваат една милијарда прегледувања досега, а над 3,8 милиони обожаватели го следат овој крал на валцерот на Фејсбук.