Македонскиот писател Венко Андоновски деновиве е во Бања Лука каде што се подготвува претстава по неговиот текст „Генетика на кучињата“ (кој алудира на „Господа Глембаеви“ на Мирослав Крлежа), чија премиера ќе се одржи на 4 јули.

– Овој текст настана поради тоа што јас сум опседнат со Крлежа, посебно со таа драма. Не ми е омилен писател, но таа драма ми е посебно драга, како јас да сум ја напишал. Причината да им се вратам на Глембаеви и да ги видам од еден македонски, современ агол, време на транзиција и тајкуни, причината е баш тој поим „глембаевштина“. Достоевски зад себе го остави поимот „карамазовштина“ и тоа е едно специфично зло кое не може поинаку да се опише освен со тој поим. „Глембаевштина“ е исто така машинерија на зло и ниски страсти. На некој начин тоа е и натурализам за човековата душа, а јас сакав да покажам дека денешните Глембаеви или денешните тајкуни го променија значењето на поимот „глембаевштина“. Порано да бидеш Глембај значеше да одземеш некому нешто, да го оштетиш, да му ја одземеш невиноста, материјални работи…Денешните Глембаеви ја немаат таа аристократска жица. Тие се примитивци и паланчани. Ѝ припаѓаат на филозофијата на паланката и ним не им е целта да ви одземат нешто, туку да ве претворат во човек кој на другите ќе им одзема, го претвораат човекот во себе. Тоа е мојата идеја и ако успеам да го доловам тоа со текстот, ќе бидам задоволен – вели Андоновски во интервју за „Независне новине“.