Од 2015 година е востановена категоријата за странски автори во која годинава е номиниран и македонскиот писател.дн Услов е книгата да е објавена по 2000 година и да е преведена на руски јазик. За оваа категорија е обезбеден фонд од милион и 200 илјади рубли, од кои милион за авторот и 200 илјади за преведувачот

Македонскиот писател Венко Андоновски, заедно со уште 34 светски писатели, е номиниран за престижната руска Толстоева награда за книжевност „Јасна Полјана“. Меѓу номинираните се и познатите светски писатели Каѕуро Исигуро, Тони Морисон, Јак Мекјуан, Џонатан Литл, Амоз Ос, Маргарет Етвуд и други. Од балканските книжевности е номиниран и словенечкиот писател Драго Јанчар. Андоновски е номиниран за руското издание на романот „Папокот на светот“, во превод на Олга Панкина.

Резултатите ќе бидат соопштени во октомври.
Книжевната награда „Јасна Полјана“, чии втемелувачи се меморијалниот центар „Толстој“ и „Самсунг електроникс“, е основана во 2003 година, по повод 175-годишнината од раѓањето на Лав Толстој. Се доделува за роман напишан во традиционален стил на руски јазик. Во духот на Толстој, наградата се доделува во три категории: „Современи класици“, „21 век“, „Детство, адолесценција и младост“. Жирито се состои од познати писатели, критичари и литературни експерти, кои ги селектираат авторите чии дела ги имаат зачувано традициите на класичната литература и во исто време ги презентираат релевантните трендови во модерната руска литература. Во 2012 година, по повод десетгодишнината од востановувањето на наградата, додадена е категоријата „Детство, адолесценција, младост“, именувана според автобиографската трилогија новели на Толстој.

Од 2015 година, пак, е востановена и категоријата за странски автори, во која годинава е номиниран и македонскиот писател Венко Андоновски. Услов е книгата да е објавена по 2000 година и да е преведена на руски јазик. За оваа категорија е обезбеден фонд од милион и 200 илјади рубли, од кои милион за авторот и 200 илјади за преведувачот.

Фондот за сите награди е двојно зголемен во 2010 година. Во моментов, тој се состои од 1,8 милион рубли. Победникот во категоријата „21 век“ добива 750 илјади рубли, за лауреатот во категоријата „Современи класици“ се обезбедени 900 илјади рубли, а финалистите што ќе влезат во најтесниот избор добиваат по 150 илјади.
Лани добитник во категоријата за странска литература беше славниот Марио Варгас Љоса, а во 2016 година со оваа престижна награда се закити нобеловецот Орхан Памук.

Венко Андоновски (1964) е македонски писател (романсиер, раскажувач, драмски автор, поет), есеист, критичар и книжевен теоретичар и професор. Дипломирал на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тој е доктор по филолошки науки и работи како професор на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има издадено голем број дела и добитник е на голем број награди. Некои од неговите најпознати дела се „Азбука за непослушните“ (роман, 1994), „Бунт во домот за старци“ (драма, 1994), „Папокот на светот“ (роман, 2000), „Кандид во земјата на чудата“ (драма, 2001), „Вештица“ (2006), „Олово на перница“ (роман, 2010), „Ќерката на математичарот“ (роман, 2013).

Романот „Папокот на светот“ се состои од вовед, наводно напишан од братот на извесен В., на кој се надоврзуваат книгата „Папокот на светот“ (манускриптот на романот), книгата „Исход“ и книгата „Светлина“ (Записите од дневникот), по кои следува поговор од книжевниот теоретичар Венко Андоновски. Првата книга, напишана на псевдоархаичен јазик, се одигрува во 9 век и би можела да се означи како некој вид филозофски крими-роман во ековски манир; додека во вториот дел, во „Дневникот“, една љубовна сторија во Југославија во втората половина на 20 век ги пресликува случувањата од првиот дел.

Инаку, тиражот на првото издание на овој роман на Андоновски на руски јазик, во издание на „Азбука“ од Санкт Петербург, во 8.000 примероци, се продаде за кратко време. Руската критика во романот препозна автор од рангот на Умберто Еко, Милан Кундера и Милорад Павиќ. Романот беше објавен во едицијата „Цвет на светската литература“, заедно со делата на видни светски писатели: Мајкл Ондатје („Англискиот пациент“), Елизабет Страут, Марио Варгас Љоса, Робертсон Дејвис, Кони Макарти и други.