Со филмот „Ана Каренина: Приказната на Вронски“ најновото остварување на Карен Шахназаров, вечерва во Кинотеката на Македонија ќе биде отворен Месецот на руски филм насловен „Руска зима“.

Покрај поздравните обраќања  на директорот на Кинотеката на Македонија, Владимир Ангелов и на амбасадорот на Руската федерација, Сергеј Баздникин, ќе биде доделена почесената титула „Doctor Honoris Causa“ на Универзитетот за аудиовизуелни ЕФТА, а ректорот Јордан Плевнеш ќе одржи пригодна беседа за едно од најзначајните имиња на современиот руски филм и директор на „Москва филм“, Карен Шахназаров, кој доаѓа во Скопје по повод оваа пригода.

Ова престижно признание, со кое се вреднуваат врвните достигнувања во областа на аудиовизуелните уметности, досега им е доделено на имиња со светско реноме, како што се Клод Лелуш од Франција, Маноел Де Оливеира од Поругалија, Јиржи Менцел од Чешка и Роберт Вилсон од САД.

До крајот на февруари ќе бидат прикажани 25 класични и современи руски филмови, а поводот се 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија.