Балетот во два чина „Ана Каренина“, со музика од Петар Илич Чајковски, ќе се одигра на сцената на Националната опера и балет на 19 септември (четврток), со почеток во 20 часот.

Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичка, но ефектна сценографија, костими на Александар Ношпал, ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој.

Во повеќе од два часа балетските уметници на НОБ, на чело со впечатливиот, емотивниот до исцрпување танц и инспиративните движења на Мими Поп Алексова Атанасовска како Ана Каренина, Бобан Ковачевски како Вронски, Васил Чичијашвили од Грузија како гроф Каренин, ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка.

Настапуваат истакнати солисти, солисти и целиот балетски ансамбл на Националната опера и балет.