Претставата на Новосадскиот театар, „Ана Каренина“, на македонскиот режисер Дејан Пројковски, досега освои дури 18 награди на фестивали во земјата и во странство, а премиерата на претставата се одржа во октомври 2019 година. Таа деновиве доби дури седум награди на Фестивалот во едно дејствие во Младеновац, каде што и од стручното жири и од публиката беше прогласена за најдобра претстава. Меѓу последните награди се и оние од Врање, на 41. „Борини денови на театарот“. Жирито на фестивалот, кое го сочинуваа режисерот Владимир Лазиќ, актерката Милена Павловиќ и театрологот Зоран Максимовиќ, ја прогласи „Ана Каренина“ за најдобра претстава во целина. Марта Береш ја доби наградата за најдобра женска улога, а Арпад Месарош за најдобра машка улога.
Дополнително, претставата беше прогласена за најдобра од неформалното жири, составено од новинари од ОК радио, порталот „Врање њуз“ и „Данас“. Ова жири ѝ ја додели на Марта Береш и наградата за најдобар женски лик.
Така, „Ана Каренина“ влезе во редот на најнаградуваните претстави на Новосадскиот театар, покрај познатите театарски остварувања на „Неопланта“, „Опера Ултима“ и „Гробница за Борис Давидович“.
– Интересно беше бидејќи на овој фестивал во конкуренција беше и претставата „Вирџинија Вулф“ со Раде Шербеџија и победничката претстава од годинашното Стеријно позорје. Наградите што ги освоивме се единствените две што се доделуваат на фестивалот – вели Пројковски.

„Ана Каренина“ беше премиерно изведена во октомври 2019 година и оттогаш, и покрај вонредната ситуација и прекините со работа на театрите, бележи извонредни успеси во Србија, но и пошироко, како што велат од театарот.
Претставата, премиерно изведена во Нови Сад, во режија на македонскиот театарски режисер Дејан Пројковски, претходно беше рангирана во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според процената на порталот „Едит култура во Белград“. Претставата е работена по култниот роман на Лав Николаевич Толстој, а премиерата се одржа на 29 октомври 2019 година.
Кореографка е Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографка е Марија Папучевска. Играат: Марта Береш, Атила Немет, Арпад Бучер, Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Бланка Диенеш, Агота Ференц, Роберт О’Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.
– Претставата е конзистентна на романот, од кој Пројковски ги обработува клучните сцени, меѓутоа не прави премногу интервенција врз самиот текст – дијалозите претежно се пренесени од романот. Самата режија е речиси филмска, темпото на промена на сцените е брзо и можеби затоа гледањето на претставата ве опива. Сепак, Пројковски користи костими со модерни елементи, а во големите групни сцени (на пример, сцената со балот) имаме танцови секвенци придружени од електронска музика. Целата поставка е комбинација од класични елементи на сцената и костимите, современи во другите аспекти (музиката и глумата), така што се добива еден вид „поп Ана Каренина“ – се вели во образложението, во кое е пофалена и глумата на фантастичната Марта Береш како Ана, како и другите актерски остварувања.
„Ана Каренина“ на Пројковски беше првата премиера во 46-та сезона на Новосадскиот театар.