Со 5-минутни овации публиката, 1.500 на број, ја поздрави македонската оперска дива Ана Дурловски, која беше главна ѕвезда на Новогодишниот концерт на минхенскиот радиски оркестар. Во престижната концертна сала „Херкулессаал“ во Минхен, таа изведе познати оперски арии под диригентската палка на Иван Репушиќ.
Ана Дурловски, од страна на германското БР радио беше најавена како „македонската дива и еден од најзначајните солисти на штутгардската опера“. Концертот беше пренесуван во живо на веб-страницата на германското радио.

Македонската оперска ѕвезда со импресивна меѓународна кариера, секогаш нагласува дека нејзина и мисија на нејзиниот сопруг е на светските сцени каде што настапуваaт да покажат дека и во Македонија има гласови достојни за светските сцени, дека има македонски квалитет што треба да му биде покажан на светот. Како дел од работата на промовирање на македонската култура, Ана Дурловски, на Новoгодишниот концерт носеше преубави креации на нашата креаторка Тања Кокев.

Ана Дурловски од 1997 до 2001 студирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Биљана Јовановска Јакимовска. Повеќе години, харизматичниот сопран Ана Дурловски го освојува светот. Сребреникавиот глас на Дурловски беше забележан уште на нејзиното деби во 2000 година кога ја толкуваше Лучија ди Ламермур. Оттогаш, фокусираниот транспарентно светол тон на овој сопран, станува обележје на белканто-репертоарот во продукциите на Македонската опера. На оваа сцена, таа ги толкува и Дона Ана во „Дон Џовани“, Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Адела во „Лилјакот“, Џилда во „Риголето“, Розина во „Севилски бербер“ и др. Во 2001 година таа започнува да ја украсува својата софистицирана вокална техника во Виена, во Камерното студио на КМС Оливера Милјаковиќ.