Видеото „Меморабилија“ на македонската уметница Тања Балаќ ја доби наградата за најдобро експериментално дело во 2019 година од „Вест Вирџинија маунтениер фестивал“, фестивал за краток филм во САД. Овој интернационален фестивал за филм и видео е основан во 2010 година, со мисија да ги поттикне креативците и уметниците да се занимаваат со овие жанрови во независниот филм и во новите медиуми.

Видеото е работено лани во декември, а веќе е селектирано за учество на два големи фестивали, на Фирентинското биенале и на фестивал во Јужна Кореја. Американската награда од „Вест Вирџинија“ досега е најголем успех за делото на Балаќ. Во видеото се појавува балерината Саша Ефтимова, а музиката е на светски познатиот композитор Марио Батковиќ од Бања Лука. Анимациите во филмот се изведени од слики на уметницата. Кирил Шентевски е кинематографер на видеото.

– Балаќ од нејзините слики го ослободува предметот во „коцката“, во која поединецот е послободен одошто е во отворениот свет, во светот во кој предметот би можел да се залепи за слободата. Таа нуди еден двонасочен процес на заловување – кој самиот ги насликува сопствените контури на лична траекторија, тоа е пат на симболичната слобода и на постоењето, сеприсуство што опстојува во замислениот свет на слободата. Со тоа што ги црта материите од своето минато, при што ги раскопува архивските слоеви на нејзиниот сопствен отпечаток во историјата на апстрактното и фигуративното сликарство, авторката фрла светло на присуството на анимираниот субјект од својот замислен свет преку осветлени текстуални предлози, преку балет, изведби, дводимензионални слики, преку звуци, сенки – придушено светло – пишува Натали Р. Павлеска за видеото на Балаќ.

Според неа, емпириската провокација на можностите на најразновидните медиуми ни ја прикажува неуморната природа на авторката да истражува, да го бара идеалниот свет за реализирање на своите идеи и имагинации, следејќи го својот нагон за надградување и премин во суптилно создадените светови за отворени можности.
– Селектираните дела од веќе постојните од архивата на авторката се токму оние што говорат за силниот авторски отпечаток токму во времето кога тие се појавуваат.

Звучните ефекти, кои придодаваат кон целокупната нарација, ја раскажуваат нејзината индивидуална поезија, која, сама по себе, ни остава силна сензорна импресија. Нејзината уметничка дејност е забележана како врвна зрела артистичка форма на експресивност, која за неа е многу поудобен начин на искажување од оние во нејзиниот опсег на медиуми, но, сепак, таа го собира од сето она што ѝ е потребно за да може да развие сопствен јазик на размислување и артикулација – пишува Павлеска.