Блескави критики за „Македонисимо“ на Симон Трпчески

Најстариот американски магазин специјализиран за рецензии „Америкен рекорд гајд“ (основан во 1935 година) на читателите им го препорача „амбициозниот проект инспириран од фолклорната музика, предводен од пијанистот Симон Трпчески“, појаснувајќи дека самиот наслов „Македонисимо“ значи „мошне македонски“.
– Народната музика во неговата родна Македонија е преполна со ритмичка виталност и модална убавина. За Трпчески и многу други Македонци, таа е дел од секојдневниот живот и така е уште од детството. За „Македонисимо“, тој групирал песни и танци во шест плетенки или фолклорни збирки… Македонскиот композитор Панде Шахов потоа ги транскрибира за Трпчески и остатокот од квинтетот „Македонисимо“, составен од професионални класични и фолклорни музичари. Тие во 2017 година тргнаа на меѓународна турнеја со проектот, што доведе до овој албум. И тоа каков албум! Тоа не е просечно поимање на народната музика, Шахов не цели кон етномузиколошка автентичност, туку кон вистински оригинална и лична транскрипција, што го задржува суштинскиот дух на музиката. Неговата заднина во џезот може да се почувствува во начинот на кој пристапува кон пишувањето за квинтетот, правејќи простор за импровизации и украси.

Музиката е предизвикувачка, напишана за да одговара на високото ниво на вештина во изведбата на музичарите… „Македонисимо“ воспоставува рамнотежа помеѓу традицијата и оригиналноста. Без оглед дали е дадена прогонувачка и потресна мелодија, носталгична, лирска балада или вител од енергично, славеничко танцување, музичарите внесуваат силно чувство и непречена радост во музиката. Силно му го препорачувам овој албум на секој љубител на музика – пишува во својата рецензија реномираниот критичар Нејтан Феро.
И американскиот двомесечник „Фанфер“, специјализиран за класична и џез-музика, низ перото на Петер Бурвасер, им препорачува на своите читатели никако да не го пропуштат ова издание.
– Одличниот млад пијанист Симон Трпчески е горд на своето македонско наследство и овде прави пауза од Рахманинов и Прокофјев, за да започне со група од уште четворица музичари со програма од македонската народна музика. Забавната етикета за овој „излет“ е „Македонисимо“ – јазична мешавина, што слободно може да се преведе како „многу македонска“. Не сум квалификуван да коментирам за степенот на македонизам што го добиваме тука, но ова е мошне забавна и прекрасно изведена презентација, без оглед на какво било прашање за автентичност. Проектот претставуван пред публиката во живо од својата премиера во 2017 година во Германија е резултат на соработката помеѓу Трпчески и македонскиот композитор Панде Шахов, во консултација со институтот за фолклор „Марко Цепенков“. Музиката овде е примамлива мешавина на џез-енергија и раскажувачка лирика. Иако музиката е во основа народна, Шахов го позајмува модерниот идиом на секцијата удиралки, испорачан со суптилна, но упорно погонска енергија од Влатко Нушев.

Секако, сложените ритми на изворниот материјал се подложуваат на современи третмани, на примерот на Кодали во Унгарија и Григ во Норвешка… Снимената должина од речиси час и половина е исклучително дарежлива, но сепак ми беше жал кога заврши оваа заразно радосна музика (поради што се фатив како ја слушам повеќепати – највисоко признание што може да го даде еден критичар). Не пропуштајте го ова. Ќе го разубави вашиот свет во време во кое итно му треба такво освежување – пишува критичарот на „Фанфер“, Петер Бурвасер.
Инаку, минатата година најавената северноамериканска концертна премиера на „Македонисимо“ беше одложена поради пандемијата. Новите термини се очекува, во зависност од ситуацијата, да бидат потврдени наскоро, информираат од „КултурОп“.