Изложба на дела од прилепскиот уметник Александар Џинго ќе биде отворена вечерва, од 20 часот, во ликовната галерија на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. На самостојната изложба пред сограѓаните Џинго се претставува со дваесетина дела, замислени визуелни композиции и креативни идеи во музиката, костимографијата и графиката како повеќегодишен израз. Тие се резултат на истражување во празниот простор од каде што тој дејствува и трансформира, за на крајот да обликува свои уметнички сцени.

– Џинго при создавањето на своите дела пристапува кон детална тематска, техничка и естетска анализа. Оттука произлегува структуралниот пристап кога се говори за неговото творештво. Неговата интелектуална љубопитност создава препознатлив печат, а тоа е спојот на графичкиот дизајн и ликовната уметност. Авторот се определил за техниката колаж како процес на експериментирање, кој нуди неочекувани креативни резултати. Основната ликовна синтагма на овие уметнички дела е интеракција на колоритната хармонија и акустичноста на ликовите – вели за неговото творештво Оливера Богатиноска.

Според неа, во неговите дела секогаш, па и сега, е присутна постојана акумулација на сопствените идеи и потребата по целина.
Александар Џинго е член на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп, реализирал самостојни и групни изложби и бил дел од повеќе ликовни колонии. К.М.