Во Хонгконг до 20 декември ќе се одржува изложбата на скулптури на академскиот скулптор Алексадар Ефтимовски, насловена „Континуитет“, со која тој и го завршува неговиот тамошен петмесечен академски престој.

Ефтимовски, за време на престојот на Факултетот за визуелни уметности на универзитетот „Лингнан“, предавал различни техники на изработка на скулптура, а освен тоа, како дел од резиденционалната програма на универзитетот, работел и на свои апстрактно геометриски скулптури, кои се дел од изложбата.

Името на изложбата – „Континуитет“, го претставува континуираниот пат на творење на авторот. Покрај делата на Ефтимовски, во Хонгконг се изложени и скулптури создадени од неговите тамошни студенти.

Александар Ефтимовски ликовното знаење го стекнал на академиите за уметност во Фиренца и во Карара, Италија. Неговото творештво во голем формат е поставено во повеќе од 15 града низ светот, а дел од неговите дела се откупени во колекциите на Националниот музеј на уметност на Кина, како и во поголем број на приватни колекции во Германија.