Марија до Сеу Гера

Меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, што годинава се одржа по 17-ти пат во Ресен, предизвика големо внимание во културната и општествена јавност во Европа. Впечатливи се многубројните реакции во медиумите во Португалија, по повод доделувањето на годинешната истоимена награда за животно дело на легендарната португалска актерка и режисерка, Марија до Сеу Гера, по неодамнешното одржување на оваа по многу нешта единствена манифестација. По упатената честитка од страна на министерката за култура на Португалија, Граса Фонсека, во која се истакнува уметничката одисеја на Марија до Сеу Гера, која се смета за симбол на модерните вредности на португалската театарска и филмска стварност, честитка до неа упати и претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Суза, подвлекувајќи ја историската улога на оваа актерка во афирмацијата на португалските сценски уметности во светот. Посебно внимание во португалската јавност предизвикува портретот во најстариот португалски весник за култура „Жорнал де Летрас“, потпишан од едно од најугледните имиња на интелектуалната плејада, Патриција Портела, со наслов „Марија до Сеу Гера – бесмртноста на нашата надеж“.

Водечките дневни весници и електронски медиуми ја цитираат и беседата на Јордан Плевнеш за време на церемонијата на прогласување на Марија до Сеу Гера за „Актер на Европа 2019“ во Сарајот во Ресен, низ уметничките трансверзали на поврзувањето на португалските и македонските духовни врски низ вековите.
Истакнатиот француски театарски деец Жорж Бани, претседател на Светската асоцијација на театарски критичари, во списанието на Институтот за театар на Сорбона, напиша дека фестивалот е уникатен по својата идеја да ја валоризира индивидуалната театарска одисеја на своите протагонисти како градители на европската цивилизација.