Пост фестум

Во духот на познатата мисла на Жан Моне, „да се гради Европа значи да се гради мирот“, а недвосмислено таа мисла се однесува и на уметноста, се одржа годинашниот, 19-ти интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“. Овој пат иако недостигаше акустичната и раскошна сцена на некогашниот ресенски Сарај, сепак, по квалитетот на претставите со кои се претставија театрите на земјите на Југоисточна Европа не се разликуваше од претходните. Се работи за маестрални драматуршки остварувања на театрите и продукциските куќи од Албанија, Србија, Македонија, Словенија и Косово, за сериозни драмски текстови, вклучувајќи го и балетскиот перформанс на Танцовиот театар од Љубљана. Претставите со својата раскошна актерска игра и со монументалноста на естетската вредност беа како создадени за големите сцени во светските метрополи. Овие врвни уметнички дела беа играни по имагинацијата на минатото и сегашноста, кои само навидум немаат допирни точки една со друга. Тие се преплетуваа и проникнува една во друга со својата фабула, стил и беспрекорна сценографија, во цврста и нераскинлива структура, целосно завршена приказна. Со ваквиот приод, фестивалот „Актерот на Европа“ уште еднаш ја докажа оправданоста за своето постоење, преку максимата дека уметноста постои за да нѐ спаси од вистината.

Гледајќи ги со особен восхит и уметнички порив овие драмско-уметнички дела, се доби впечатокот дека српската и албанската современа драматургија тешко се одвојуваат од класицизмот во духот на античката трагедија, трагедијата на Шекспир и чеховската структура на поставеност во трагичното дејствување. Базирани претежно на драмскиот текст што изобилува со вербален илузионизам, со акцент на импресивниот отмен говор во Аристотеловиот дух, драмите бликаа со совршенството и раскошот на актерската игра, беспрекорната режија и поетскиот стих. Кратките прекини на музичко-лирските звуци и присуството на хорот нѐ потсетија на претставите што се играле под отворено небо, на грандиозните антички театри, каде што треба да се види минорната улога на човекот, а големото влијание и интервенцијата на божественото во судбината на големите херои внатре во самата трагедија.
Јасно е дека модерната тетралогија испишува нови страници во изучувањето на современата драма на балканските простори, како што тоа го видовме во претставата „Ова дете“ на Театарот од Штип, во режија на Александар Ивановски. Станува збор за исклучителна современа драма што ни покажа дека единствено нешто што им го должиме на нашите деца е нашата безусловна љубов. Со својата современа, модерна фабула, пишувана по текстот на Жоел Помера, претставата има голема уметничка вредност. Со употребата на филмската сценографија, таа е уникатна и единствена, а претставува оригинално драмско остварување со отстапувањето на веќе познатите клишеа во изведбата, што ѝ дава нов лик на модерната драматургија. Мешањето на стиловите и интервенцијата на убавите уметности во драмата: балетот, музиката, кратките филмски кадри, стана causa sui на модерната македонска тетарологија, која допрва треба да добие свој конечен облик, преку создавањето нови драмски форми и облици, како еволуција на веќе постојните театарски уметности.

Сепак, ако во корпусот беспрекорни уметнички совршено изведени драмски претстави мораме оваа година да издвоиме една, тоа секако би била претставата „Кој ја донесе Дорунтина“, драма напишана според романот на Исмаил Кадаре, во изведба на Националниот театар од Албанија. Се работи за монументално напишан текст во духот на античката трагедија, со беспрекорен страдалнички симболизам што се пројавува низ величествената сценографија и автентичната костимографија, раководена од оригиналната режисерска палка на познатиот Лаерти Васили. Во драмите на годинешниот фестивал, жената како трагички симболички елемент играше доминантна улога, претставена е како хероина, како мајка, како страдалничко ехо на сопствената темна и тешка судба. Хероината во албанската драма на мигови личи на храбрата античка Антигона, која ги отвора вечните прашања за местото и улогата на човекот и неговото достоинство под овој небесен свод.
Во претставата „Соништата на Хамлет“ видовме театарски сон изведен од Шекспировиот Хамлет – принцот на Данска, во продукција на театарската и филмска куќа АКТ и ИТИ од Приштина. Во неа е прикажан човекот со нежно срце, таму секој од нас се гледа себеси, еднаш кога имавме еден сон, сон за постоењето на сопствениот совршен свет. Големите театарски и филмски режисери имаат голема потреба да комуницираат со Хамлет, но мора да признаеме дека во кое било драмско дело каде и да се свртиме од некој агол излегува Шекспир. Во „Соништата на Хамлет“ постојано над нас виси прашањето чуму страдањето во овој несовршен свет, ако бог ни ја додели љубовта на Земјата. Претставата уште еднаш ги постави вечните прашања што катадневно ја тиштат нашата страдалничка душа, за соништата што се неостварливи на Земјата, но се остварливи во нашиот внатрешен свет.

Вечната дихотомија на уметноста на раѓањето, вечното умирање и доаѓањето до една недуална светлина на крајот од патот, најдоследно ја видовме низ хармоничните ритмички движења во „Тобелија“, во изведба на Танцовиот театар од Љубљана. Трансцеденталното тело како светлината постојано се воздигнуваше до небесната светлечка сценографија како триумф на душата и нејзиниот волшебен свет. Овој модерен танц во својата уникатна тријада на играта, звукот и убавината се дополнуваше низ интензивниот македонски традиционален мелос, во музиката на нашата најголема музичка легенда Влатко Стефановски.
Вечната ненадмината идеја на Чехов дека љубовта е неостварлива, а злото е непобедливо на Земјата, повторно беше реафирмирана во театарската претстава „Неповикан“, во продукција на НАС – театарот од Србија. Овој текст на Момчило Настасијевиќ, во режија на Југ Радивојевиќ, покажа дека српската современа драматургија тешко се одвојува од класицизмот во чеховски дух. Оваа драма е посветена на жената што Јордан Плевнеш во своите драми ја нарекува жена што е слепа од илузиите на умот на Ниче, жена што е слепа од сликата на Сезан, слепа од љубовта на Данте и Беатриче.
Целосното и најчисто љубовно предавање на жената, жената што не бара ништо освен еден миг на љубовта во вечноста, жената што довека носи една тајна и еден врел копнеж за изгубениот рај којшто никогаш нема да се врати, жената што не може да остане во животот на страдањето на изгубената љубов и изгубеното чедо, се главните мотиви на исклучителната длабоко емотивна монодрама „Писмото од непозната жена“, во режија на Милан Маѓарев, напишана по текстот на Штефан Цвајг, со вонвременската актерска игра на Светлана Сретеновиќ, претстава што е толку потресна и толку стварна, претстава што се гледа во еден здив и со еден бескраен трагичен восхит. Мрачни мисли татнат во нашата душа за време на претставата за оваа самохрана мајка што целиот живот го посвети на еден копнеж за една далечна, неисполнета искрена љубов. И веднаш во текот на претставата се прашуваме, па зарем целосното давање во љубовта без резерва, без задршка без размислување, не е драма сама за себе, драма како темна судбина, како трагедија или како казна. Во претставата силно го чувствуваме духот на Достоевски низ ликот на Иван Карамазов и како тој таму постојано да нѐ прашува – зошто бог го дозволува страдањето, убиството на љубовта, затоа што кога љубовта ќе ја убиеме ние, веќе и не знаејќи, длабоко сме загазиле во трагедијата.

Животот е движење и затворање на еден круг во височините. Таму немаме ништо, таму почнуваме сѐ од почеток, таму низ музиката на сферите ги слушаме душите што некогаш ги љубевме, но на Земјата како за утеха и сеќавање на совршениот свет ја имаме само уметноста, затоа што без неа ние сме во смртното осамено студенило на вселената. И на крајот од овој бравурозен фестивал и ние се согласуваме со Достоевски кога вели: „О, мој боже, само еден миг на блаженство во љубовта да почувствувам. Зарем тој миг, не е ли доволен за еден цел човечки живот, сѐ до вечноста и по неа?“ Со фестивалот „Актерот на Европа“ естетиката дефинитивно дојде, естетиката на врвните уметнички дела! Мимоза Рајл