Во Драмскиот театар во Скопје денеска се одржа комеморација за актерката Билјана Беличанец која почина во саботата. На комеморацијата присуствуваа голем број роднини, пријатели и колеги на Беличанец, а за време на целиот настан беа емитувани инсерти од претстави во кои глумеше Беличанец.

Прв на сцената се качи актерот актерот Дејан Лилиќ, кој со солзи во очите говореше за талентираната актерка.

– Не е фер, затоа што требаше уште многу да одработиме, јас и ти и твојата весела дружина. Билјана, ти никогаш нема да бидеш во минато време, секогаш ќе бидеш овде присутна. Оние што добро те познаваат, знаат дека си човек со огромно срце душа и за себе и за сите нас. Несебично ни помагаше. Ти не глумеше на сцена, ти живееше на сцена. Бескрајно талентирана, ѕвер од актер и ангел од човек. Многу те сакаме – рече Лилиќ.

Со актерката се прости и Драган Спасов Дац кој пред присутните посочи дека аурата на Драмски се збогати, за жал, со уште еден нежен и преубав дух, кој ќе биде присутен.

– Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови, кои нѐ гледаат во секој момент додека сме на сцена. Тие ни ја дваат енрегијата кога ни е најпотребно. Аурата на Драмски се збогати, за жал, со уште еден нежен и преубав дух, кој ќе биде присутен. 
Тука е духот на татко ми Стево, на Ненад, Ацо, Нада, Бранко, Ванчо, Снежана, Дади и Горан. Овде се некаде и го слават твоето доаѓање во бесмртните. А што да правиме ние? Не остави збунети и во бескрајна болка. Не остави да замислуваме што уште можеше да направиш на сцена. Сцената беше твојот живот, ова не е фраза, ти едноставно така беше. На оваа сцена ти беше мојата Кинегонда, мојата Сара, мојата Цвета, мојата Ширин, мојата Сузана, мојата Билјана Беличанец – сподели актерот Драган Спасов Дац.

Режисерката Катерина Коцевска пак ги потсети присутните на последната претстава што Беличанец ја одиграла, на 8 Март годинава, како Ема во претставата „Љубовници“.

– Последната претстава требаше да ја одиграш во 2069. Ова не е природно. Збогум моја Ема, збогум моја Биле – за последен пат се прости Коцевска.

За кариерата на Беличанец говореше директорот на Народниот театар од Прилеп, Стојан Дамчески, а по него на сцената се качи и актерката Снежана Конеска-Руси, која сподели дека во текот на актерското созревање на Беличанец како актерка, таа била нејзин учител и родител.

– Не знам како доаѓа период кога јас станувам твој родител и учител. Можеби те учев како да газиш по трнливиот пат. Ѕвони твојот глас во секоја улога, песна, синхронизација. Твојот учител Снешка. Те мислам. Јас те чекам или чекај ме – рече Конеска Руси.

Билјана Беличанец (1973) беше актерка во Драмскиот театар од 1997 година, а претходно беше вработена во Прилепскиот театар, во чиј ансамбл станува член веднаш по дипломирањето на ФДУ во 1994. Билјана Беличанец бележи голем број театарски улоги и награди.

Скопската Општина Кисела Вода, чија градоначалничка Беличанец беше од 2013 до 2017, вчера одржа комеморација во новоизградениот Дом на културата.
Беличанец беше пронајдена мртва во нејзиниот стан ноќта на 6 април.