Академик Влада Урошевиќ ја доби највисоката награда за поезија „Златен витез“ на Деветтиот меѓународен книжевен форум „Златен витез“ во Русија.

Наградата на Урошевиќ му е доделена за обемниот избор од неговата поезија (200 песни на повеќе од 250 страници) кој, под наслов „Пејач во кулата“, а во препев на Олга Панкина, афирматорка на македонската литература на руски јазик, излезе минатата година во Москва.

Престижната издавачка куќа „Рудомино“, која ја објави книгата на Урошевиќ, претставувајќи ја пред руската читателска публика, наведува дека во збирката одбрани стихови на македонскиот прозаист и поет, филолог и компаратист Влада Урошевиќ се влезени песни создадени во текот на шеесетгодшно книжевно творештво.