Првиот долгометражен филм на Калтрина Красниќи е со поддршка од Агенцијата за филм на Република С. Македонија и ќе ја има својата светска премиера на Интернационалниот фестивал во Венеција на 8 септември, а ќе има вкупно 9 проекции во рамките на фестивалските денови.

„Вера сонува за морето“ ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик која по самоубиството на сопругот, реномиран судија, Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.

Во филмот главната улога е Вера, играна од страна на актерката Теута Ајдини – Јегени, Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши и др. Режисер на филмот е Калтрина Красниќи, сценариото е на Дорутина Баша, кинематограф Севдије Кастрати, монтажер на филмот е Владимир Павловски, а снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук Дарко Спасовски, а продуцент од Македонија е Дрим Фектори, односно Огнен Антов.

Живеам во една мала чудесна земја, каде невозможното станува возможно. Каде далечината е блиску, каде желбата станува реалност, каде сонот станува јаве. Немојте да престанете да сонувате! Мене ми се оствари желбата да бидам дел од одлично сценарио а и да стапнам на црвениот тепих. – изјави Теута Ајдини-Јегени.

Филмот е влезен во официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во Венеција во категоријата Хоризонти и третира тема која всушност е една од носечките елементи на овогодинешното издание на фестивалот.

– Во 2010 успеавме да го донесеме „Срцето на Сараево“, во 2019 награда на на ИФФ Торонто и Санденс, се надевам дека оваа година ќе успееме да го донесеме „Лавот“ од Венеција. – изјави продуцентот Огнен Антов

– Со ова учество на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција на некој начин ја заокружуваме филмската фестивалска година, која и во вакви турбулентни времиња ќе важи за многу успешна година. Новиот филмски бран, продолжува, а го обележуваат дебитанти, млади автори и што ми е особено драго – сѐ повеќе женски автори. Драго ми е што Агенцијата за филм го препозна овој ко-продукциски проект, прв долгометражен филм на режисерката Калтрина Красниќи со кој се надевам сите ќе се гордееме. – изјави директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски

Интернационалниот филмски фестивал во Венеција се одржува од 1 до 11 септември 2021, а светската премиера на „Вера сонува за морето“ е на 8 септември.