Националниот музеј на Норвешка деновиве заклучи дека незабележителниот, но и непријатен натпис на познатото платно „Крик“ го напишал самиот уметник Едвард Мунк. Натписот – „Тоа можел да го наслика само лудак“, долго време беше предмет на расправа за авторот што со дрвен молив на левиот агол од сликата ја напишал на норвешки јазик оваа порака. Досега се сметаше дека авторот на натписот е огорчен љубител на уметноста бидејќи сликата претставува морничава силуета на личност со бледо лице што испушта крик со рацете на уши под црвено небо. Таа слика низ годините стана симбол на анксиозност на модерниот човек и на универзална болка.
Музејот со испитување на натписот со инфрацрвени знаци дошол до различен заклучок. Националниот музеј ја испита Мунковата слика што датира од 1895 година, а која е единствена од четирите верзии на композицијата „Крик“.
– Натписот без сомневање е од Мунк – наведува музејот и додава дека ракописот, како и настаните за време на создавањето на сликата водат до истиот заклучок.

Првото изложување на сликата во јавноста предизвикало критики и отворило прашања за менталното здравје на експресионистичкиот уметник, навела кустоска од музејот и додала дека тоа веројатно го навело Мунк да напише таква порака. Музејот навел дека познатата слика ќе биде изложена во 2022 година кога се очекува повторно отворање на музејот. Мунк (1863-1944) е еден од зачетниците на експресионизмот, кој бил прогонуван од чувството на немир поради раната смрт на мајката и сестрата. Негови најпознати дела се „Крик“, „Немир“ и „На мостот“.