Промовирана книгата „Културна фабрика“ на Ана Мартиноска

„Културна фабрика“ има цел да проговори за болките и предизвиците на современата култура, сфатена во најшироката смисла на зборот. Таа е слика за постојните состојби, но и простор за отворање нови погледи и перспективи, со желба да предизвика критички дијалог на авторите, критиката и публиката, но уште повеќе и дијалог со себеси, нашите ограничувања и предрасуди, беше кажано во преполниот клуб-ресторан во МКЦ на промоцијата на книгата „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ на Ана Мартиноска. Книгата е избор од осумдесетина авторски колумни на родови и културолошки теми, кои се објавувани во неделникот „Глобус“ и дневниот весник „Нова Македонија“.

Во книгата во голема мера фокусот е ставен на темите за родот и сексуалноста, но тие ретко се обременети со сува теорија, напротив тезите и поентите секогаш се предадени од еден интимен ракурс, што придонесува за лесна идентификација и непосредна интеракција со публиката, соодветно на медиумот во кој се првенствено објавувани. Огледите во книгата се обидуваат да провоцираат, да ги разнишаат востановените поредоци, да ги срушат закоравените митови и стереотипи, да ги предизвикаат сите стеги на општественото, родовото и културното живеење во нашата држава. И на тој начин, на овие двесте странички, тие сакаат да остават трага за културната продукција во Македонија во изминатата деценија, сведоштво за конзервативните и патријархални струи, кои доминираа во јавниот дискурс и потврда за борбата за слобода и отвореност во уметноста, културата и општеството во целина.
Промотори на книгата беа Соња Стојменска Елзесер, која даде опширен и детален увид во книгата на Мартиновска и темите што ги обработува, и Ѕвездан Георгиевски, кој во свој лежерен стил ѝ се обрати на публиката, искажувајќи задоволство што е дел од оваа приказна. Авторката на крајот на промоцијата во своето емотивно обраќање посебно ѝ се заблагодари на „Нова Македонија“, како што кажа, за воскреснувањето на медиумскиот интерес за родовите теми.

Издавач на книгата е Институтот за македонска литература при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.